Градежниот инспекторат доби задача, за една седмица, да направи надзор на објектите од прва категорија во Охрид и во Струга.

Владата, на денешната седница, го усвои Извештајот за степенот на реализација на препораките и преземените активности за зачувување на статусот УНЕСКО – Светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Во извештајот до УНЕСКО се констатира дека Македонија останува цврсто посветена на зачувување на статусот на Светско наследство за природното и културно наследство во Охридскиот регион. Се истакнуваат и заложбите со кои значително се интензивираа активности за спроведување на Одлуката на Комитетот за светско наследство, за исполнување на препораките на Реактивната мониторинг мисија, како и продлабочувањето на билатералната соработка со Албанија, во насока на заедничко управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.

Во текот на извештајниот период, како што соопштија од владата, е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029) и е спроведена и стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство. Земјата исто така изработи инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион со што се остварени предусловите да се премине на изработка на оценка на влијанието врз животната средина и оценка на влијание на културното наследство. Дополнително, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за што се обезбедени преку 4 милиони евра средства од државниот буџет за изведување на работите, и продолжен е проектот за пренасочување на течението на реката Сатеска.

Од оваа седницата на владата произлезе и заклучокот со кој Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се задолжува да изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и да провери дали градежните инспектори ги извршуваат своите обврски согласно Законот за градење. Државниот инспекторат за тоа треба да достави информација до владата – до наредната седница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.