Вчеравечер во Музејот на современа уметност, со изведбата на претставата „Импулс #вол13“, Скопје танцовиот театар во голем стил ја отвори сезоната на танцот 2019/2020. Уникатниот амбиент, концептот и кореографиите на Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Рисима Рисимкин, во простор осмислен од визуелните уметници Матеа Мијановиќ и Ивана Мојсовска, за публиката обезбедија несекојдневно естетко доживување и одлична најава за богатата сезона која следи.

Вечерашниот настап во Музејот на современа уметност е она што сме ние во суштина. Уметностите секогаш одат рака под рака, а оваа локација и сценографија дополнително го оплеменија првото претставување за оваа сезона. Скопје танцовиот театар повторно покажува дека има извонреден број на следбеници, млада публика, која редовно нѐ следи и ужива во нашите проекти, што претставува голем поттик за нас. Уште една возбудлива сезона е пред нас и се радуваме на вака убав и впечатлив почеток. Голема благодарност до Музејот на современа уметност за соработката, истакна Рисима Рисимкин,

На синоќешната претстава, три посебни приказни беа претставени преку тензичен и возбудлив танц на Анастасија Данчевска, Бобан Русески, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Дамла Пинар Башар, Сара Цветковска, Анастасија Данчевска, Јована Зајкова и Тереза Лазарев. Младите танчери и кореографи беа поздравени со овации, а присутните потоа ги забавуваше музиката на познатиот диџеј Soul Case.

„Скопје танцовиот театар“ ветува богата сезона, нови оригинални продукции, гостувања на кореографи од странство, но и гостувања на театарот низ земјава и во странство. Покрај редовните активности, театарот се подготвува и за гостувањето во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, во сезона 2020/2021. Престижниот француски театар, еден од симболите на светската културна елита, ќе биде домаќин на „Скопје танцовиот театар“ следната сезона, во која „Шајо“ ќе одбележи еден век постоење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.