„Неолитското село” – музеј под отворено во археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје, сè уште е затворено за посета, согласно здравствените препораки. Во интерес на заинтересираните посетители, Археолошки музеј на Македонија овозможи кратка виртуелна тура низ истиот.


Тумба Маџари од 2008 година е актуелен со анимирање на јавноста преку научни, едукативни и туристички активности за сите возрасти. Во музејот под отворено „Неолитско село“ се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нивната внатрешност преку копии на разновиден движен и недвижен покуќнински инвентар, како и сцени од секојдневниот живот, е направен обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек кој живеел на територијата од Македонија и пошироко пред 8000 години“, велат од Археолошкиот музеј.

Неодамна во „Неолитското село“ заврши проектот финансиран со грант од Европската Унија преку програмата „Прекугранична иницијатива за културна размена (МАКС ФОРУМ)”. Целта на овој проект беше доуредување на продавницата за сувенири и обновување на постоечките содржини во овој комплекс, кои досега беа успешно користени за поголема популаризација на археолошкиот локалитет Тумба Маџари и на вредностите на неолитската култура на територијата на Македонија.

Посетата на „Неолитското село“, како и реализацијата на многубројните едукативни активности и културни манифестации во овој комплекс, ќе продолжат наскоро, а до тогаш ќе можете да направите виртуелна прошетка, чија техничка реализација и подготовка е овозможена од Дончо Наумовски и Елена Стојанова Канзурова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.