Редовниот фестивалски термин од 21 часот во црквата „Света Софија“ вечерва е резервиран за виолончелистката Ирена Јосифоска и пијанистот Александар Џермановиќ од Србија.

На програмата се: Л. В. Бетовен: Соната за виолончело и пијано бр. 4 оп. 102 C-dur, Р. Шуман: Фантастични пиеси оп. 73, С. Рахмањинов: Соната за виолончело и пијано g-moll оп. 19 и А. Пјацола: Le grad Tango.

Претходно, на истата сцена во 17 часот концерт ќе одржат учесниците на меѓународниот музички мајсторски курс под раководство на Тамила Гулијева – пијано и Емилио Перцан – виолина.

Ирена Јосифовска

Ирена Јосифовска е една од најперспективните виолончелистки на нејзината генерација. Освоила прва награда на натпреварот „Габриели“ во 2021 година, таа се закитува и со наградата „Жан Никола Фирмених“ доделена од фестивалската академија во „Вербие“. Во 2017 година таа е најмлад полуфиналист на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ во Белгија. Родена е во 1996 година во Суботица во семејство на музичари, таа започнува да свири виолончело на петгодишна возраст. Студиите ги завршува на високата школа за музика во Детмолд во класата на проф. Ксенија Јанковиќ, а во моментот е на постдипломски студии на Универзитетот за уметности во Берлин во класата на проф. Јенс Петер Мајнц. Лани била резиденте годинава ќе биде дел од фондацијата и фестивалска академија „Вила Музика“.

Победничка е на многу натпревари. Како солист настапува со еминентни европски оркестри меѓу кои Симфониета од Берлин, филхармониите во Хаген и Реутлинген, камерниот оркестар во Детмолд, Филхармониите во Каунас и оркестарот во Валониј како и на фестивалите „Вербие“, Љубљана, „Морицбург“ и др. Посетува мајсторски курсеви кај Давид Герингас, Франс Хелмерсон, Стивен Исерлис, Марк Копе, Кристијан Полтера, Даниел Милер Шот, Албан Герхард и други.

Александар Џермановиќ

Пијанистот Александар Џермановиќ во моментот е на докторски студии под менторство на Доријан Лелјак на Академијата за уметности во Нови Сад, кои следат по неговите специјалистички студии на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург во класата на Жак Рувие, и пост-дипломски студии на Кралскиот колеџ во Лондон во класите на Иан Џонс и Дмитри Алексеев. Добитник е на бројни награди за пијано и камерна музика, се издвојуваат златниот медал на натпреварот „Менхетен“ во Њујорк, првата награда на меморијалниот натпревар „Исидор Бајиќ“, и награди во сите категории на Меѓународниот натпревар на славјанска музика во Москва. Александар има настапувано во салите ширум Европа во Русија, Велика Британија, Данска и во родната Србија. Настапува со Кралскиот оркестар во Тунбриџ Велс, со Симфонискиот оркестар на Војводина, оркестарот во Рочестер, Симфонискиот оркестар на Академијата за уметности и „Камерата Академика“ под диригентските палки на Џанлука Марчано, Нил Томпсон и Александар Којиќ. Александар Џермановиќ е доцент на Академијата за уметности во Нови Сад и генерален менаџер на Меѓународниот натпревар за пијанисти „Исидор Бајиќ“.

Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан постои од 2009 година. Првите три години се одржувал во Истра, а од 2014 година со поддршка на нашето Министерството за култура е одржува во Охрид. Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и од Македонија. Досега учествувале повеќе од 150 ученици и студенти, а редовно учествуваат педагози и изведувачи, професионални музичари који доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на Охридско лето.

Емилио Перцан

Македонскиот виолинист Емилио Перцан има активна педагошка и изведувачка кариера и соработува со уметници како: Викторија Мулова, Даниел Хоуп, Кент Нагано, Чен Реис, Рафаела Миланези, Михаел Рол, Јулија Лежнева, Ксавиер де Местре и др. Преку различни ангажмани Перцан настапува во најпознатите сали и на најпознатите фестивали низ светот како: салата на Берлинската филхармонија, салата на фестивалот во Баден-Баден, Оперската сала во Токио, концертната сала во Сао Паоло итн. Снима за дискографските куќи Deutsche Gramophone, Sony, Decca, Harmonia Mundi, Pan Classics, Onyx Classics. Од март 2015 година предава виолина на Универзитетот за уметност во Грац, Австрија, а од октомври 2020 година и на универзитетот „Калаидос“ во Цирих. Држи семинари по виолина, виола, камерна музика и предавања по историска изведба, методика во Германија( Schloss Akademie Hamburg), Русија (Чајковски конзерваториум, Гнесинска академија, Иполитовски институт), Австрија(Gifted in music), Италија, Киргистан, Украина итн. Неговите студенти се добитници на повеќе од 150 меѓународни награди.

Тамила Гулијева дипломира и магистрира со почести на музичката академија во Баку (Азербејџан), а продолжува да се усовршува на Универзитетот Фолкванг во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач. Гулијева е добитничка на повеќе награди меѓу кои прва награда на Фестивалот за млади пијанисти и награда за Најдобар пијано-соработник во 1999 година. Како солист настапува со рецитали и со симфониски и камерни оркестри, а е официјален пијано соработник на мајсторските курсеви на Мстислав Ростропович, Табеа Цимерман, Квартетот „Форе“ и др.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.