Издавачката куќа „Готен“, во соработка во Македонската академија на науките и уметностите ја објави книгата „Viola arsenica; белешки за поезија“ од Влада Урошевиќ.

Станува збор за книга во која авторот ги искажува своите сфаќања за поезијата и поетската уметност, а се состои од извадоци од негови есеи, разговори, интервјуа, говори, автобиографски текстови, поговори. Во книгата се опфатени записи од целиот творечки живот на Урошевиќ. Првите текстови датираат од 1959 година, а некои од последните текстови се напишани непосредно пред излегувањето на книгата. Книгата на фрагментарен и концизен начин нуди преглед на согледувањата на тоа што за авторот претставува поезијата, нејзините преокупации, цели, суштински карактеристики, како и нејзината иднина во времето кое сè повеќе ја маргинализира.

Книгата содржи и кус ликовен есеј на авторот на тема „Наука и уметност“, а завршува со фото-есејот на фотографот Роберт Јанкуловски на тема „Авторот и моделот“.

Влада Урошевиќ е поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Роден е во 1934 година во Скопје. Работел како соработник и уредник на редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје, а во 1982 година почнува да работи на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Влада Урошевиќ е член на МАНУ, на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Има објавено повеќе од 30 книги. Добитник е на бројни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Григор Прличев“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Стале Попов“ итн.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.