На 13 март македонската актерка Весна Петрушевска ќе го прослави јубилејот кој таа го нарекува 25 години во брак со Македонскиот народен театар (МНТ).

По повод јубилејот премиерно ќе биде изведена претставата „Влези, не се соблакај“, за која Петрушевска вели дека ќе ја насмее и ќе ја расплаче публиката, но и дека ќе ја испрати со љубов.

Во претставата ќе се обидам да раскажам сè она што ми се случувало во последните 30 години. Има многу приказни, случки, разни ситуации, но во суштина ќе се бавам со она што сум, што се трудам да бидам сиот мој живот и сè она што сум пропуштила. Забавно и единствено. Не сакам конвенционални одбележувања на јубилеи и затоа се одлучив за стенд ап форма. Освен што сум единствена жена што се бави со таа форма и навистина не знам зошто, ќе се обидам и на таа тема да се искажам. Нели родова еднаквост, скоро 22 век, ама ние со родова еднаквотст се бавиме, вели Петрушевска за „Република“.

Петрушевска е актерка која секогаш има нешто да каже и да порача. Таа е единствената жена која стои исправено пред сите предизвици. За неа, националниот театар е верен другар низ годините.

Со МНТ ги поминав сите луди години, деца ми израснаа на проби и претстави, безброј режисери, убави души, прекрасни луѓе. За мене МНТ е живот!, вели Петрушевска која публиката ја препознава уште и како водителка на нејзиното ток-шоу „Вртелешка“.

Петрушевска глумела во голем број македонски театарски претстави: „Кој се пла­ши од Вир­џи­ни­ја Вулф“, „Ва­ги­нал­ни мо­но­ло­зи“ но најпозната е нејзината улога во „Гос­по­ѓа Ми­ни­стер­ка“, која е изведена над 150 пати. Во моментов на сцената на МНТ таа е актуелна со претставата „Брачна игра“.

На прашањето дали би менувала нешто во врската со МНТ таа вели: Вистинска љубов е кога во една врска никогаш не менуваш, го прифаќаш онаков каков што е. МНТ е мојот идеален партнер!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.