Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џино“ од Велес, в понеделник на 13 јуни во матичната голема сцена премиерно ќе ја изведе „Елегија во пет здива“, која е танц-театар базиран по мотиви од избрана поезија од Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров.

Трансформацијата на поезијата е уметничка форма која го користи јазикот за постигнување естетски квалитети и продлабочување на нејзината семантичка содржина, преточени во танцов перформанс, е главна задача на режисерот и кореографот.

Како што информираат од велешкиот театар, во претставата се прикажани пет слики (пет здива), односно пет перформанси кои имаат за цел да создадат универзално разбирлив сценски јазик, доловен преку мултидисциплинарен пристап на подготовка и изведба преку комбинација на повеќе медиуми на сценско изразување како танц, нарација и физички театар.

Актерите/танчерите во претставата ги користат сопствените тела како субјект и како медиум за отелотворување на дадена емоционална состојба.

За подготовките на претставата, актерите/танчерите беа изложени на нов процес на работа, односно, работеа по техниката Viewpoints, адаптирана од режисерите Ен Богарт и Тина Ландау, која служи како медиум за освестување на сетилата за гестикулација, движење и креативно изразување во просторот.

Начинот на работа и апсолутната посветеност од страна на актерите за време на пробите овозможија за кореографскиот процес да се сведува на импровизација што придонесува кон автентичноста и оригиналноста на перформансите кои одново се креираат и видоизменуваат со секоја наредна изведба. Осврнувајќи се на ваква перформативна кинестетика, актерите/танчерите оформуваат сопствен и индивидуален пристап во движењето и ја будат свесноста на телото за можностите кои ги поседува при создавање на танцов вокабулар. Ставајќи акцент на формата која во себе ги сублимира контрастите и различните дискурси кои изведувачите ги поседуваат, тие меѓусебно се приспособуваат со цел да создадат оригинален сценски израз.

Претставата е во режија и кореографија на Филип Петковски а играат Васил Зафирчев, Симона Димковска, Наталија Теодосиева и Адријана Данчевска.

Билети за претставата се веќе во продажба на билетарата на Театар „Џинот“. Проектот е финансиран од Министерството за култура.

Во понеделник на 13 јуни се навршуваат 79 години од смртта на поетот и револуционер Коста Солев Рацин кој ја има меѓу другите ја има напишано и песната „Елегии за тебе“ која е дел од неговата стихозбирка „Бели Мугри“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.