Вечерва во објектот „Мала станица“ во 20 часот ќе биде отворена изложбата на илустрации на еден од доајените на македонското сликарство, Димитар Кондовски, во рамки на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Изложбата ќе биде отворена под посебен протокол во однос на заштитните мерки против Ковид-19.

Кондовски е автор на илустрациите на книгите „Зоки Поки“, „Колибата на чичо Том“, „Белото циганче“, „Алиса во земјата на чудата“…

Кондовски (1927-1993) имал грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тој се смета за еден од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 60-тите години на минатиот век.

Организаторот на фестивалот „Литера“, агенцијата „Ефектива“ најавува интересно патување за сите посетители и поддржувачи на фестивалот.

Културата е еден од најзначајните елементи за развој на здраво општество. Таа мора да постои и да функционира во сите прилагодливи форми. Во моментов, светот се соочува со многу предизвици, но јас сметам дека токму уметноста е таа која може да им помогне да ги надминат емоционалните аспекти на кризата. Искрено, се обидуваме да поттикнеме развој на квалитетна литература за деца, и од визулен и од содржински аспект, бидејќи децата од мали нозе треба да научат што е вистинска култура и како да ја препознаат“ – вели Софија Семенпеева, директор на „Ефектива“.

Д-р Дита Старова-Ќерими, директор на НУ Национална галерија истакнува дека ѝ претставува особено задоволство што оваа институција ќе биде домаќин на Фестивалот, особено во однос на изложбата на еден сегмент од творештвото на великанот Кондовски кој е посветен на најмладите.

Инаку, Фестивалот „Литера“ го имаше своето прво издание во април минатата година, во просториите на Музејот на современата уметност во Скопје, каде се одржаа многу значајни дискуии, работилници и изложба на илустрации значајни за развојот на квалитетната литература за деца. Поради пандемијата со Ковид-19, годинешното издание на фестивалот го поместивме за есенва. Фестивалот ќе се одржи од 14 до 19 октомври на повеќе локации, меѓу кои Даут-пашин амам и Мала станица. Годинава фестивалот ќе трае еден ден повеќе, со оглед на тоа што се предвидени богати и интересни содржи за децата и родителите, но и за професионалните илустратори.

На 16 октомври во 19:30 часот во „Europe House“ во Скопје ќе се одржи дебата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“. На оваа дискусија ќе учествуваат: проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф.д-р и писател Владимир Мартиновски, Искра Димковска („Сказнувалка“) и психологот Христина Стефановска.

Во рамките на фестивалот ќе бидат организирани пет работилници на кои ќе можат да учествуваат помал број деца. Доколку дозволат временските прилики, тие ќе се одржат во дворот на Даут-пашиниот амам, а во случај на заладување или дожд, активностите ќе се префрлат внатре.

На второто издание на „Литера“, под наслов „Емоцијата има своја боја“ на 15 и 16 октомври работилница ќе одржи кустосот и едукатор од Националната галерија, Маја Димитрова и вајарката Моника Гошева.

Четири различни работилници ќе се одржат на 17 октомври. „Прочитај ми приказна/прочитај си приказна“ ќе ја води Коста Милков од издавачката куќа „Метаноја“. Во истиот термин од 11 часот ќе се реализира и работилница на тема „Среќни деца денес – подобри луѓе утре“, ќе одржи едукативниот центар „Скампер“ од Скопје.

Искра Димковска од издавачката куќа „Сказнувалка“ ќе одржи работилница инспирирана од сликовницата „Празнина“ од Ана Лјенас. Поетесата Ана Голејшка-Џикова ќе одржи работилница за креативно пишување

На 18 октомври во Даут-пашиниот амам, заедничка работилница ќе одржат „Полица“ и фестивалот „Литера“, на тема „Креирање книжевно дело од деца за деца“.

На 19 октомври, во „Europe House“ фестивалот ќе додели награди за најдобрите македонски изданија меѓу двата изданија. Ќе бидат доделени три награди: за најдобра детска книга, за најдобра илустрација и издание во целина.

Меѓународниот фестивал за детска литература и илустрација „Литера“ го организира агенцијата „Ефектива“ од Скопје, со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје и „Халк банка“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.