„Agnosco“ е првата самостојна изложба на Ана Спасова, млад ликовен уметник и академски графичар, чие отворање е вечерва во 20 часот во Галерија на Факултетот за ликовни уметности.

На изложбата ќе бидат претставени четириесетина дела изработени во различни медиуми: цртежи, графики, фотографии и колажи од хартија и полимерна глина.

Делата се настанати во периодот од 2019 и 2020 година и го следат истражувањето на авторот во полето на семиотиката и науката за човековата психа, особено Јунговата аналитичка психологија.

Главниот интерес е насочен кон разоткривање на односот помеѓу свесниот и несвесниот дел на личноста и нивната материјализација во уметничкото дело преку знакот и симболот, кои се земени како главни облици низ кои се манифестира архетипската природа на човековиот ум, која, според Јунг, е универзална, вродена и наследна.

Самиот наслов (од латински, ad+gnosco) упатува токму на чинот на интроспекција и препознавањето на облиците и симболите од делата во себеси.

Ана Спасова е родена на 4.4.1996 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје во 2018 година, на Катедрата за графика со модул Конзервација и реставрација, во класата на ред. проф. м-р Мирко Вујисиќ. Магистрирала на истиот факултет во 2020 година, на Катедрата за графика, под менторство на ред. проф. м-р Мирко Вујисиќ. Има учествувaно на четириесетина групни изложби и културни манифестации досега во земјава и странство. Добитник е на неколку награди за творештвото и академскиот успех во текот на студиите.

Одбрани групни изложби:

2020 „Цртеж – експериментален цртеж“, ДЛУМ, Уметнички центар Арт Хаб, Скопје
2020 Онлајн изложба на висок печат, Графичко студио „Мегало“, Канбера, Австралија
2020 Меѓународно виртуелно биенале на графика, Engravist, Истанбул, Турција
2020 IV Меѓународно графичко триенале, Белград, Србија
2020 Изложба на новата млада генерација на ДЛУМ, Уметнички центар Арт Хаб, Скопје
2019 Графичко триенале 4, Графичка работилница „Софија“ – Богданци, Музеј на град Скопје
2019 Годишна изложба на ДЛУМ, Мала Станица, Скопје
2019 VIII Меѓународно графичко триенале, Софија, Бугарија
2019 Меѓународна изложба и размена на графики, Qu.Bi Галерија, Виченца, Италија
2019 II Меѓународна изложба на мала графика во Кантабрија, Сантандер, Шпанија

Награди:

2019 Пофалница за најдобро дипломиран студент (10,00) во учебната 2017/2018 година на ФЛУ, Ректорат на УКИМ, Скопје
2018 Награда за постигнат највисок просек (10,00) и одлични резултати во текот на студиите на ФЛУ
2018 Награда за графика на конкурсот „Млади уметници“ од Агенција за млади и спорт, Мала станица, Скопје

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и може да се посети секој работен ден, во рамките на работното време на Факултетот за ликовни уметности, 08 – 14 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.