Во кино „Милениум“ вечерва свечено се отвора Фестивалот на современ грчки филм и култура. Организатори на Фестивалот се Здружението за промовирање на филмската уметност и култура АРТ СИНЕМА Скопје и Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ заедно со Амбасадата на Република Грција во Северна Македонија. Фестивалот на грчки филм и култура е прв културен настан во земјава кој официјално се организира под покровителство на грчка институција.
Фестивалот на грчки филм и култура ќе трае до 27 октомври. Програмата се состoи од 6 прилично нови долгометражни грчки играни и документарни филмови од последните години, а ја правеа двајца грчки филмски автори, Димитрис Захос и Христос Каракепелис и ја отсликува грчката продукција во последната декада.
На свеченото отворање ќе биде прикажан филмот „Витез“ во режија на Атина Цангари, а во наредните денови ќе може да се видат филмовите „Смак“, режија Елијас Деметриу (25 октомври, 18 часот, кино „Милениум), „Следната станица: Утопија“, режија Апостолос Каракаcис (26 октомври, 18 часот, кино „Милениум“), „Нејзина работа“, режија Никос Лабот (26 октомври, 20 часот, кино „Милениум), „Неправеден свет“, режија Филипос Цитос (27 октомври, 18 часот, кино „Милениум“) и „Поликсени“, режија Дора Масклавану (27 октомври, 20 часот, кино „Милениум“).
Фестивалот годинава има и еден голем ексклузивитет- тоа е специјалниот концерт на еден од најпознатите грчки музички бендови во последните години, бендот на Фоивос Деливоријас, кој ќе одржи концерт на 25 октомври во Клуб ресторанот МКЦ. Тие имаат специјален репертоар за оваа прилика и ќе свират филмска музика од познати грчки филмови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.