Вечерва во НУ Турски театар во Скопје ќе се одржи уште една претстава на театарскиот проект „Оркестар титаник”.

Светот е една голема чекалница! Во тој простор човекот е “осуден” да живее, да се смее, да плаче, да се кара, да се лути, да се сака, да се убива и во сета таа мешаница од чувства и дејства – да не престане да се надева. Во тој и таков свет, што според големиот Шекспир е сцена, опстојуваат судбини на индивидуи од еден микрокосмос, кој е закован за дното и ја вдишува прашината која паѓа и се лепи врз него како отпад од нешто далечно и убаво… Тој микрокосмос е нашата тема и дилема, нашите јунаци итаат по своето, сѐ до писокот на сирената од возот кој никогаш не застанува и ги поттикнува да драматизираат и креираат улоги кои остануваат во етерот, нереализирани… Таа, и уште многу други приказни се отвораат во чекалницата, со или без зборови, сите завршуваат во чистилиште, перална на свеста… Таа перална „плете” клаустрофобична игра со ликовите кои се извадени од анти-драма, исцртани се како анти-херои… до квази филозоф, кој (не)знае да се справи со здодевноста на своето суштествување“, се вели во рецензијата за оваа претстава на АДА театар Скопје.

Режисер на претставата е Војо Цветановски, сценографијата на Беди Ибрахим, костимографија Елена Вангеловска, музиката на Лука Горгиевски, а продуцент е Един Јакуповиќ.

Главните улоги ги толкуваат Наџи Шабан, Фунда Ибрахим, Един Јакуповиќ, Бураханедин Ибрахим и Танер Сулејман.

Претставата се одигрува на турски јазик со обезбеден симултан превод на македонски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.