Вечерва, 19-ти август, од 20.30 часот, во рамки на манифестацијата „Летни уметнички ноќи на улица Самоилова – ЛУНУС“ во „Култура 365“, во Охрид, ќе биде претставен романот „Годишни времиња“ од Јулијана Величковска, издание на ПНВ Публикации од Скопје, а за книгата ќе говори Мерсиха Исмајлоска.

Романот за првпат беше објавен во ноември 2014 година, единствен со својот концепт остави силен белег на современата македонска книжевна сцена. Фрагментарен по форма, испреплетен со музика, цртежи и слично, со што придонесе и други автори  да се осмелат и да објават слични дела.
Со свои читања на романот во вид на книжевни рецензии или промотивни говори до сега се огласија: Владимир Мартиновски, Душко Крстевски, Славица Гаџова-Свидерска, Александра Јуруковска, Блаже Минески, Санде Стојчевски, Елизабета Краљевски, Мерсиха Исмајлоска, а актуелното трето издание е објавено со поговор на проф. д-р Драги Михајловски.
Дизајнот на корицата е дело на академскиот сликар Воскресија Андреевска.
Романот во 2017 година беше објавен и од страна на издавачот „Ерго“ од Софија  ̶  Бугарија, во превод на Поли Муканова, каде што со критички осврти се огласија Владимир Левчев (писател и професор на Американскиот колеџ во Благоевград, Бугарија), Иван Христов (поет) и Ива Анастасова, која со својот труд  „Балканското и космополитското во романот Годишни времиња од Јулијана Величковска“ имаше свое обраќање на Меѓународниот филолошки форум при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, 2018 г.
Извадоци од романот во превод на Милена Илиќ се објавени и во Србија, а наскоро се очекува истиот да биде објавен во целост на српски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.