Театар Комедија од Скопје  вечерва ја продолжува драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ со изведбата на театарската претстава „Вечера за глупаци“ вечерва на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.

„Вечера за глупаци“ е правена според текст од  Францис Вебер  а во режија на Ирена Стеријовска. Во неа  играат  Валентин Костадиновски – Тино, Атанас Атанасовски, Илија Илиоски,Тони Денковски, Ема Давчева, Благица Трпковска, Јаков Спасов  и Столе Мицов.

Станува збор за приказна која го коментира високото француско општество, кое, презаситено од сè што може да си овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Имено, темата која се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и перспективата од која тоа се доживува. Во дејствието се раскажува за еден претставник на високото општество, кој по серија случајни несреќи што му се случуваат, заглавува на вечера со претставник на онаа група што планирал да ја исмева.

Ирена Стеријовска дипломира на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје, отсек – театарска режија. Специјализира на универзитетот ФОН, отсек мултимедија. Од 2012 е вработена во Народен Театар Охрид. Ко-основач е на независниот театар Фабрика во чија продукција ја режира претставата „Вејка на ветрот”  од Коле Чашуле. За „Вејка на ветрот” ја добива наградата за остварување на нова театарска реалност на фестивалот Актерот на Европа. Се потпишува како режисер на претставите: „Мртвиот дом” според Достоевски во продукција на Драмски театар -Скопје,  „Важно е да се викаш Ернест” од Оскар Вајлд во Театар Комедија, „Емигранти” на Славомир Мрожек, “Метод” на Жорди Галсерон во Народен Театар – Охрид и други.

Претставата не се препорачува за лица помлади од 16-годишна возраст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.