Сцената „Долни Сарај“ вчеравечер беше дом за публиката на „Охридско лето“ и за актерскиот ансамбл на театар Комедија од Скопје кој ја изведе театарската претстава „Вечера за глупаци“ на текст од Францис Вебер а во режија на Ирена Стеријовска.

Земајќи ја предвид сè поголемата поделеност на општеството по основ на богати и сиромашни, на социјално прифатени и социјално несоодветни, оваа приказна ги открива и другите нијанси помеѓу крајностите во кои може да се види дека среќата е апстрактен концепт  чија предвидливост и контрола порано или подоцна станува мит.

Според режисерката Стеријовска станува збор за приказна која го коментира високото француско општество, кое, презаситено од сè што може да си овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Имено, темата што се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и перспективата од која тоа се доживува.

Претставата се занимава со аздисаноста на француското високо општество и нивната форма на забава. Во однос на сегашноста, бидејќи класните разлики стануваат сѐ поголеми особено во државава,  се занимаваме со детронизирање на таа висока класа. Таа може сѐ да си дозволи и да си пружи, веќе моралните вредности се изместуваат на значаен начин и ние го коментираме тоа како може да се врати налик на бумеранг една навидум невина игра и како може да го смени животот на луѓето, вели Стеријовска.

Интересно и за актерите, и за режисерката, но најмногу за публиката е тоа што „Вечера за глупаци“  е тоа што гледалиштето е на самата сцена каде што играат актерите.

Ова е класичен водвиљ по текст, но начинот на поставување е многу интересен бидејќи решивме да се занимаваме со реконструкција на тој четврти ѕид-ѕид помеѓу дејствието и публиката.  Бидејќи дејствието се одвива во трособен стан, ние решеивме станот да го ставиме на сцена а публиката на надворешните ѕидови така што се добива еден воајерски впечаток на публиката што на некој начин работи во однос на она што мене ми е период на истражување, а тоа е позиционирање во физичка смисла на публиката во однос на дејствието и да видиме дали тоа може да го направи  целото театарско искуство поголемо доживување, додава Стеријовска.

Во театарската претстава „Вечера за глупаци“ играа Валентин Костадиновски – Тино, Атанас Атанасовски, Илија Илиоски,Тони Денковски, Ема Давчева, Благица Трпковска, Јаков Спасов  и Столе Мицов.

Валентин Костадиновски-Тино ја играше улогата на Пјер Брошан, еден од главните протагонисти кому му се случуваат  многу работи дома. Тој е човек кој е во потрага по глупаци за да ги исмејава, но и самиот станува глупак кај него дома.

Претстставата се гледа од четири различни страни што би значело дека ако ја гледаш четири пати ќе имаш различен кадар и различно ќе се доживува. Ова е интимна претстава каде публиката седи на два метра од нас и самата игра нам актерите ни е како филмска, повеќе е навнатре, интровертна. Се игра некој чуден хиперреализам и тоа ја прави посебна, поразлична и позабавна од другите. Гледачот треба да почувствува дека е внатре во станот, дека присуствува на таа вечера на глупаци, вели Костадиновски.

Младиот актер Илија Илиоски ја играше улогата на неостварениот писател, Само Леблан.

Пораката на претставата е да внимаваме што правиме. Секое добро со добро се враќа и обратно. Процесот на подготовка на претставата беше еден креативен, интересен и мошне инспиративен, појаснува Илиоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.