На 13 ноември во 19,30 часот, во просториите на Public Room во Скопје, ќе биде промовирано второто дело посветено на културната дипломатија од д-р Васко Шутаров. Промотори на книгата „Културната дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите-наследнички ќе бидат универзитетските професори од Правниот факултет во Штип, проф.д-р Јован Ананиев кој е и рецензент на книгата и проф.д-р Јадранка Денкова. 

 

Денес, Југославија не е популарна тема. И не само денес, туку од месеците и годините на нејзиното распаѓање, започнува трендот на нејзино заборавање” или премолчување, во сите новосоздадени држави од неа, подеднакво исто. Постои уште еден индикативен тренд, кога е во прашање поранешната заедничка федерација, а тоа е сензационалното, таблоидното и спекулативното третирање на личности и настани поврзано со времето на Југославија. Интересот на меѓународната научна мисла за некогашната “успешна европска приказна”, како што ја нарекуваа во одреден период југословенската приказна е сериозен и постојан, што не е секогаш случај со академската научна мисла во државите-наследнички, пишува авторот.

Книгата претставува ибемен труд и секако е резултат на долго научно истражување.

Оваа книга е резултат на едно подолго научно истражување, но и личен интерес за пронаоѓање одговори на многубројни отворени прашања поврзани со поранешна СФРЈ. Книгата во најголем дел содржи научни истражувања поврзани со културолошките маркери на зближување и разијдување на културите на југословенските републики и покраини, како и актуелните состојби на културолошки план помеѓу новосоздадените држави. Книгата исто така, не претендира на една и единствена вистина за причините за распадот на Југославија, но пледира на исклучително важното влијание што културата го имаше во тие процеси. И од аспект на таквата културолошка опсервација на распадот, оваа книга е една од ретките во научната мисла во државите од поранешна Југославија, пишува Шутаров.

Д-р Васко Шутаров е доктор по политички науки,  поранешен пратеник и дипломат, со повеќегодишно искуство во креирањето и практикувањето на културни политики и културна дипломатија на државата.

Културата е средишна тема и тема на мој посебен интерес долги години, непосредно работејќи во културата, но исто така културата е и мој долгогодишен предмет на научни истражувања, посебно од областа на културните дипломатии и културните политики на државите. Моето лично и професионално убедување, дека преку истражувања во културата можат да се осознаат најзначајните политички и економско-социјални процеси како и влијанието на културата врз истите, ми се потврдува и преку истражувањата и заклучоците поврзани со влијанието на културните процеси во формирањето на големата слика за Југославија, нејзиниот подем и распад. Денес, кога и најголемите светски политички актери, јавно потврдуваат дека нивните културни политики и културни дипломатии се едни од трите столбови на нивните надворешни стратешки политики, мојот интерес за културата како есенцијален фактор во декодирањето на глобални, регионални и локални политики, станува уште попродлабочен и поосмислен, вели авторот во предговорот на книгата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.