Британската музичка ѕвезда Ванеса Меј, која  вечерва го отвора 59. издание на фестивалот „Охридско лето“ веќе се подготвува за вечерашниот настап. Таа денеска го посети угледниот фризерски салон во Охрид, каде Младен Спироски и ја подготви фризурата за вечерашниот настап.

Таа завчера напладне пристигна на скопскиот аеродром од каде беше превезена во Охрид и сместена во хотелот „Јуник“.

Според менаџерот на “Јуник“, Меј е сместена во најголемиот апартман во хотелот со површина од 80 квадрати, со две засебни спални соби, работна соба и огромна тераса, а со оглед дека е веган, главниот кувар во хотелот и подготви специјално мени.

Ручекот на Ванеса Меј вчера се состоел од супа Сен Жермен, полнет кромид со кус- кус, салата од патлиџан, печени пиперки со многу магданос и интегрален леб, веган мафини како десерт со прелив од банана и овошје. Таа единствено побарала да и биде обезбедена водата “Евиен“.

Денеска напладне беше одржана и генералната проба на Антички театар, каде вечерва заедно со Македонската филхармонија ќе го отворат „Охридско лето“.

Од фестивалската дирекција велат дека се’ е подготвено за уште едно издание кое ќе се памети долго по квалитетот на програмата и уметниците што ќе застанат на фестивалските сцени.

Концертот за свеченото отворање за кој се бара карта повеќе, ќе започне во 21 часот, а уметницата со светско реноме ќе приреди незаборавно музичко доживување за посетителите на Античкиот театар, доближувајќи ја класичната музика до пошироката публика.

Ванеса Меј со својот тим пристигна во Охрид пред два дена, а одвои и време да ужива во убавините на градот, соопштуваат од „Охридско лето“.

„Охридско лето“  е еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во семејството на Европската  Асоцијација на фестивали(ЕФА). Во текот на 40-те фестивалски денови, според најавите на директорката на фестивалот Наташа Поповиќ и селекторите на музичката и драмската програма, Васо Ристов и Александар Поповски ќе се слави врвната уметност.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.