На 12 јуни (среда), со почеток од 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде промовирана поетската книга „Помеѓу“ од поетесата Валентина Бактијаревиќ, издание на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

На промоцијата, покрај авторката, ќе настапат и: Владимир Мартиновски, Иван Шопов, Владимир Лукаш и Ѓоко Здравески.

„Помеѓу“ е прва книга на младата поетеса од Ниш, Валентина Бактијаревиќ. Објавена е двојазично – на српски и на македонски јазик, а препевот на македонски го направи Ѓоко Здравески.

Нејзините стихови се една своевидна суптилна стилистика, која се спротивставува на граматиката и синтаксата, една стилистика на емоциите, а не на мислите, стилистика што ја проучува афективната содржина на човечкиот израз, вели Весна Мојсова-Чепишевска.

За Владимир Мартиновски, песните од поетската книга на Бактијаревиќ, всушност, се впишуваат во една силна и смела поетска линија, соочувајќи нè со најголемата моќ на љубовта – да ги трансцендира границите помеѓу смртта и животот.

„Книгата е сочинета од љубовни песни, во најубавата и најчистата смисла на зборот. Тие се топли, искрени и човечни лирски посланија до нејзината пријателка Калина Велевска, која близу до снежниот врв Кајмакчалан (прерано и трагично) го загуби животот во февруари 2018 година, вели Владимир Мартиновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.