Бугарскиот режисер Петар Валчанов, филмската критичарка Зане Балчус од Латвија и директорот на Кинотека на Македонија Владимир Ангелов ја сочинуваат жири-комисијата на Интернационалниот фестивал „Киненова“ посветен на дебитантски филмови чие шесто издание ќе се одржи од 27 до 31 октомври годинава.

Валчанов е син на познатиот бугарски сликар Валчан Петров и актерката Иванка Братоева. Тој, заедно со Кристина Грозева, е ко-сценарист, ко-режиер и ко-продуцент на филмовите „Скок“, „Лекција“, „Слава“ и „Таткото“. Нивните филмови освоија награди во Сан Себастијан, Карлови Вари, Токио, Локарно, Варшава, Гетеборг, Единбург, Киненова Скопје и други фестивали.

Балчус е истражувач, кустос, хонорарен филмски критичар и шеф на Балтичкиот форум за документарни филмови во Рига, Латвија (од 2019 година). Таа била директорка на Филмскиот музеј во Рига од 2014-2019 година, кустос во истиот музеј од 2010-2014 година, а има работено и како селектор на Меѓународниот филмски фестивал „Arsenals“ во Рига од 2000-2005 година. Kоавтор e на неколку книги за латвиската кинематографија, била дел од жирито на „FIPRESCI“ во „IDFA“ (2019), „ZagrebDox“ (2020), на меѓународниот филмски фестивал „goEast“ (2020), како и во жирито за најдобар нордиски филм на „Nordisk Panorama“ и во многу други.

Ангелов продуцент, филмолог и актуелен директор на Кинотеката на Македонија. Од 1995 година до денес работи во Кинотеката.  На почетокот на кариерата работи на рекогнисцирање и реставрација на македонскиот филмски фонд снимен во периодот од 1948 до 1953 година. Во текот на својата професионална кариера, Ангелов соработува со различни партнери на повеќе проекти, како „Фотографијата и филмот на почвата на Македонија“, дел од проектот „Историја на макро културата во Македонија“, во издание на МАНУ и „Трајче Попов“, во издание на Кинотека. По соработката со Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и Скопскиот филмски фестивал, Ангелов беше поканет како член на жирито и на Watch Out Film Festival во 2016 година, како и на првиот филмски проект. Од 1995 година Ангелов објавува и пишува за „Кинопис“.

За кратките филмови, пак, одлуката ќе ја донесе жирито во состав: Мехмет Бахадир, Петар Станојловиќ и Никола Поповски.

Свеченото отворање на Киненова ќе биде во скопското кино „Милениум“, а фестивалот ќе биде отворен со проекција на филмот „Бановиќ Стахиња/ As far as I can walk“ на Стефан Арсенијевиќ.

Киненова ќе трае од 27 до 31 октомври, а филмовите од програмата ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија.

Покрај филмовите кои се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се филмови од Ирска, Франција и Австрија, а ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.