Утре се отвора седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, во организација на издавачката куќа „Антолог“. Фестивалот ќе трае од 12 до 15 октомври 2021 година.

Под слоганот „GENRESIS“, оваа година пред македонската публика ќе бидат претставени дури осум европски и еден домашен автор. Сите автори ќе бидат лично присутни во Скопје. Наградата „Букстар 2021“ ќе му биде доделена на Миодраг Мајиќ од Србија за книгата „Островот на пеликаните“.

Наградата, како што соопшти организаторот, се доделува пред сè поради храброста да се пишува на теми актуелни не само за родната земја на авторот туку и за регионот во кој живееме, но и поради жанровската оригиналност, што е во духот и на годинашната фестивалска тема.

Романот како предлошка има реален настан, кој е ниту едноставен ниту лесен за доживување. Писателот Мајиќ (како застапник на судијата Мајиќ) успешно го става читателот во мрежата од која се излегува со едно прашањето на ум: до каде е вистината? Оваа дилема е особено важна во општество што е како пресликано од нашето, со правосудство и медиумска јавност што секојдневно паѓаат и стануваат на тестот за стандарди во работата. Но романот не е директен одговор, туку една голема битка за вечната потрага по вистината.

Наградата „Букстар“ се доделува од 2016 година. Првите две години беше наградуван најбараниот наслов помеѓу две фестивалски изданија, но потоа се доделува на најзначајната книга објавена во „Антолог“ во текот на претходната година. Досегашни добитници се Николо Аманити (Италија), Евгениј Водолазкин (Русија), Славенка Дракулиќ (Хрватска), Јуси Адлер-Олсен (Данска), Есмахан Ајкол (Турција/Германија).

Во фокусот на фестивалот и оваа година ќе бидат гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела.

„Букстар 2021“ ќе биде отворен на 12 октомври, со почеток во 20 часот, со поздравна реч на Џулијан Васало, заменик-амбасадор на Европската Унија во Македонија. Веднаш потоа ќе биде претставена и првата писателка, Катарина Винклер од Австрија. Ќе биде промовиран нејзиниот роман „Модар накит“, потресна приказна за семејното насилство базирана на вистински настани. Книгата ќе ја промовира Калиа Димитрова. Модераторка на настанот ќе биде Ана Василева.
По неа ќе биде промовирана најновата книга Viola arsenica на еден од најважните и најценети македонски автори, Влада Урошевиќ.

На 13 октомври, со почеток во 19 часот, ќе биде претставена книгата „Под двете сонца“ од авторот Огнен Спахиќ од Црна Гора. Книгата ќе ја промовира Оливера Ќорвезироска, а модератор на настанот ќе биде Владимир Јанковски. Последен настан на оваа фестивалска вечер е промоцијата на книгата Сведокот од Балсор Хоџа, гостинот од Косово. Неговата книга ќе ја претстави Александар Маџаровски.

На 14 октомври ќе има уште две промоции, а оваа вечер е резервирана за гостинките од Хрватска. Со почеток во 19 часот ќе биде промовиран романот „Педесет цигари за Елена“ од Марина Вујчиќ. Промотор на романот ќе биде македонската писателка Фросина Пармаковска.
По овој настан следува промоцијата на романот „Часовничарот“ од авторката Михаела Гашпар. Романот ќе го промовира Наташа Аврамоска. Модераторка на овие два настана ќе биде Александра Јуруковска.

Оваа фестивалска вечер ќе заврши со необично книжевно читање со домашни автори под наслов Ти реков – ми рече, кој ќе го модерира Снежана Стојчевска. На настанот ќе учествуваат Ана Голејшка-Џикова, Владимир Лукаш, Катерина Гогова, Славчо Ковилоски, Билјана Црвенковска, Митко Апостолов и Сања Михајловиќ Костадиновска заедно со Балсор Хоџа од Косово.

Последната фестивалска вечер ќе донесе уште две големи авторски имиња, чии книги се бестселери, не само во нашата земја.

Во 19 часот ќе бидат промовирани книгите на гостинката од Шведска, Софија Лундберј. Романите „Дабот сè уште е тука“, „Прашалникот е половина срце“ и „Црвениот адресар“ ќе ги претстави Јана Мишо.

Фестивалот „Букстар“ ќе се заокружи со Миодраг Мајиќ од Србија, автор на политичките трилери „Деца на злото“ и „Островот на пеликаните“. Промотори на неговите книги ќе бидат Сашо Кокаланов и Сашо Орданоски. Мајиќ е и годинашниот добитник на наградата „Букстар 2021“ за најактуелен наслов помеѓу две изданија на Фестивалот за книгата „Островот на пеликаните“, која ќе му биде доделена во оваа пригода. Модератор на овие фестивалски настани ќе биде актерката Софиа Насевска Трифуновска.

Сите промоции ќе се одржат во киното „Фросина“ при МКЦ.

Во рамките на „Букстар 2021“ ќе бидат организирани и неколку книжевни дискусии на кои ќе присуствуваат дел од авторите гости заедно со македонски претставници од светот на книжевноста.

Во чест на 100-годишнината од раѓањето на големиот полски автор и футурист Станислав Лем, на 13 октомври со почеток во 17 часот во BookStar фестивалскиот центар (горно фоаје на Кино Фросина) ќе се одржи настанот Let’s talk about Lem, на кој за научната фантастика и влијанието на Лем врз светската книжевност ќе дискутираат: Милица Миркуловска, Ивица Дукоски, Зоран Милошевски и Владимир Симовски, а ќе се вклучи и Виктор Јазневич од Белорусија, приредувач на книгата Светот на Станислав Лем. Модератор на настанот ќе биде Александар Маџаровски.

На 14 октомври во 16 часот тројца странски писатели (Марина Вујчиќ, Oгнен Спахиќ и Михаела Гашпар) и неколку домашни автори и преведувачи (Елена Конеска Светиева, Лидија Танушевска, Петар Андоновски и Соња Должан) ќе дискутираат на тркалезната маса на тема Превод/комуникација/разбирање и ќе дијалогизираат за тоа што може преводот да направи денес за нашата култура, кои се проблемите со кои се соочуваат преведувачите и авторите и како може да се зголеми квалитетот на преведените текстови/дела во јавниот простор. Модератор на тркалезната маса ќе биде Владимир Јанковски, а настанот ќе се одржи во Europe House – Скопје.

На 15 октомври во 17 часот во BookStar фестивалскиот центар ќе се одржи книжевната дискусија Книжевни жанрови: систем или креативен хаос, модерирана од Соња Стојменска-Елзесер, при што своите размисли и ставови на оваа тема ќе ги споделат гостите Сјон и Софија Лундберј и македонските автори Иван Додовски и Билјана Црвенковска. Овој настан се организира во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.

Еден од светски признатите уметници на зборот, Сјон, ќе зборува како ја напишал својата најпозната книга „Сината лисица“. Пред македонската публика на единствен начин ќе ги открие алатките што ги користи во сопствената книжевна работилница. Работилницата ќе се одржи на 15 октомври со почеток во 14 часот во BookStar фестивалскиот центар.

Поткастот Гол ручек продолжува со Душко Крстевски, познат на книжевната јавност по своите впечатливи настапи како поет и како литературен промотор. За време на „BookStar 2021“, на сцената на култното кино „Фросина“ на жешкото столче ќе седнат четворица европски писатели, кои со него ќе разговараат на многу книжевни и општествени теми: Катарина Винклер – 12 октомври во 18 часот, Сјон – 13 октомври во 17 часот, Миодраг Мајиќ – 14 октомври во 17 часот и Балсор Хоџа – 15 октомври во 17 часот.

За време на фестивалот „BookStar“ (12-15 октомври), специјално за нашите читатели го организираме седмото издание на Саемот на европската литература.

Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен, но задолжителен е вакцинален сертификат. За време на Фестивалот, ќе бидат почитувани сите протоколи и заштитни мерки за превенција од ширење на КОВИД-19.

Фестивалот е поддржан од Делегацијата на Европска Унија во Македонија, Министерство за култура, мрежата „Традуки“, Градот Скопје, Амбасадата на Австрија, Амбасадата на Кралството Шведска, Амбасадата на Полска, Исландскиот книжевен центар, Младинскиот културен центар, Друштвото на писатели на Македонија и Глобал такси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.