Во 20 часот, утревечер, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворено 13. Меѓународното биенале на млади уметници со наслов „Страст за лутање“.

Годинашново Биенале, чиј организатор е МСУ, се проширува вон архитектурата на музејот, вклучувајќи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природнонаучниот Музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, степенувајќи ја важноста на овие простори, како примери за модернистичко архитектонско наследство на градот Скопје и на потенцијалот на тоа наследство, кој е насочен кон иднината и непознатото и кој повикува на талкање кон други простори и времиња.

Па така, по утрешното отворање на Биеналето во МСУ, на 20 мај публиката е поканета да ги погледне делата на млади уметници, кои ќе бидат изложени во Природнонаучниот музеј, додека на 21 мај ќе се случи отворање во Музејот на Македонија. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи ќе биде отворена за посетители на 22 мај со почеток во 13 часот.

На поставките ќе бидат изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Селектирани се дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција… меѓу нив, уметници, со стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, Холандија, Германија, Словенија, Франција и Италија.

Сите настани во различни институции ќе бидат придружени со музичка програма на која ќе настапат со свој диџеј сет Мартина Пенева во МСУ, Aka Thesaur во Природнонаучниот музеј, Еми Ермилова во Музеј на Македонија и џез составот „Светлост“ во Управата за хидрометеоролошки работи.

Со свои дела ќе се претстават: Дарко Алексовски, Стефан Анчевски, Мартин Волман, Сали Ертунч, Филип Ивановски Пепе, Методи Исков, Јован Јосифовски, Соња Јо, Ана Јовановска, Ресул Кабоглу, Никола Кекеровиќ, Ана Лазаревска, Николо Масини, Јулија Манојлоска, Ивана Мирчевска, Ана Марковска, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, Мила Паниќ, Кристина Пулејкова, Никола Радосављевиќ, Дритон Селмани, Душан Стефановски, Бојан Стојкиќ, Милица Лазаревиќ Спировски, Ивана Самандова, Ана Трајковска, Адриен Ујхази, Елена Чемерска, Миа Чук и Зоран Шекеров.

Биеналето е мултидисциплинарен настан, еден од значајните од областа на современата уметност, првенствено поради тоа што негова цел е да наоѓа начини и создава простори, преку кои ќе ги претстави најновите уметнички насоки на надоаѓачка генерација уметници и куратори.

Биеналето на млади, освен изложбена, содржи едукативна и дискурзивна програма, со кои низ низа активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење, ќе ги инволвира во процес кој ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во нивното натамошно ангажирање и претставување пред јавноста.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.