Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ в сабота ќе ја изведе третата премиера оваа година – „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа во режија на Бранко Брезовец. Еден од најпознатите текстови на Крлежа, кој говори за пропаста на хрватско капиталистичко семејство и за „расипаноста“ и пропаста на еден цел сталеж, што е во корелација и со актуелните состојби, Брезовац го поставува на прилепската сцена и вели дека наишол на одлична екипа. Претставата во Прилеп и во земјава доаѓа три месеци по премиерата во Загреб.

Втор пат режирам во Прилепскиот театар. Пред девет години ја работевме претставата „Антица“ со целиот ансамбл на театарот. Оваа претстава е сложена. Тоа е најзначаен текст на Крлежа и во Хрватска е „канонски“ текст. Секогаш се поставува прашањето кои актери ќе ги играат улогите. Пред 12 години во Риека, претставата ја поставивме со улогата на бароницата Кастели доделена на Северина, повеќе како мјузикл, на граница беше од класична претстава, со музиката на Марјан Неќак. Но секогаш за овој текст се потребни актери со посебна актерска концентрација. Претставата „Глембаеви“ пред три месеци ја работевме во Загреб, а еве сега и во Прилепскиот театар, но со битно различен контекст. Во текстот станува збор за „измислена“ хрватска буржоазија. И музиката во претставата е приспособена на македонскиот мелос. Дејството е подигнато на нивото на една античка трагедија. Затоа екипата во Прилепскиот театар е посебна и на високо ниво. За еден месец и половина направивме она што не верувам дека во Хрватска ќе го постигневме. Екипата навистина е одлична и сиот ангажман служи на чест и се е на едно неверојатно, велам, на европско ниво, објаснува Брезовец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.