Утре, в среда, на 12 декември во 19 часот на сцената на Театарот за деца и младинци ќе се одигра претставата „Убавицата и ѕверот“ по 350-ти пат. Премиерата била на 6 февруари 1998 година на истата сцена и ова е единствена претстава во Македонија во последните 73 години која доживеала најмногу изведби. До оваа бројка се и „Чобраџи Теодорс“ „Болва во уво“, „Соминително лице“, но ниту една нема 350 изведби. Досега над 40 илјади гледачи ја погледнале претставата.

Режисер е Димитар Христов, текстот е на Игор Бојовиќ, а го препеал Петре М. Андреевски. Музиката е на Славе Димитров, кореографијата е на Александар Хаџиманов, а костимите и сценографијата се на Александар Ношпал. Во претставата играат Ана Левајковиќ Бошков, Тања Кочовска, Предраг Павловски, Драган Довлев, Владимир Лазовски и Катерина Илиевска Силјановска. Во оригиналната постава биле Олгица Христова и прерано починатиот Игор Маџиров.

Јас и Предраг ги имаме одиграно сите 349 изведби досега во „Убавицата и ѕверот“. Многу сум среќна и горда што сум дел од оваа екипа. Се радувам што претставата опстојува веќе 20 години и што генерации деца пораснаа со оваа претстава – рече Тања Кочовска, која ја толкува улогата на Скакулка.

За професорката Јелена Лужина 350-та изведба на „Убавицата и ѕверот“ е нешто што не е обична претстава и што заслужува посебно внимание.

„Убавицата и ѕверот“ е подвижно културно наследство од највисок ранг по стандардите на УНЕСКО. Од „Платон Кречет“ од ова е најиграната претстава во континуитет. Пред „Убавицата и ѕверот“ имало претстави кои се доближиле до оваа бројка – „Чорбаџи Теодорс“ 346 пати, „Болва во уво“ 334, „Сомнително лице“ 269. Но, ниту една од овие претстави кои биле на репертоар со децении не стасале до оваа бројка и уште поважно, ниту една не била изведувана во континуитет полни 20 години со иста сценографија и со исти костими – истакна Лужина.

Таа потсети на приказната како се создала претставата.

Ова не е случаен проект. Оваа претстава се играше на ова место првпат пред 20 години, а ТДМ го измислија Љубимир Чадиковски и неговата екипа. На ова место каде што сме денес постоел ресторанот „Вардар“. Чадиковски ја составува екипата, го покануваат докажаниот режисер Христов, постоа Славе Димиторв кој прави оригинална музика, го поканува Ношпал кој во тоа време има 25 години и штотуку се вратил од Париз да направи костими и сценогафија. Овие костими во кои глумците играат 20 години се кроени, шиени и чувани по највисоки стандарди на високата мода, јас би кажала пропишани од УНЕСКО. Текстот што го напишал Бојовиќ го препејува Петре М. Андреевски. Чадиковски ништо не оставил на случајот. Оваа претстава трае 20 години и утре ќе биде нејзината 350-та изведба. На секој театар во Македонија му посакувам да го достигне овој рекорд на ТДМ – рече Лужина.

Ана Левајковиќ Бошков, која го толкува ликот на Убавицата истакна дека не е лесно, како што сметаат колегите од другите театари, да се игра за деца.

Да се игра на оваа сцена е потребна страст. Децата не можат да се излажат, и затоа не е воопшто лесно да се игра за нив. Ако не беше Ношпал и неговите костими и сценогарфија можеби претставата немаше да изгледа таква каква што е и денес – рече Левајковиќ Бошков.

Костимографот Ношпал со „Убавицата и ѕверот“ слави јубилеј 20 години работи и по тој повод следната година планира изложба на сите негови костими и книга на која во моментов работи Лужина.

Чадиковски е мојот духовен татко, тој ми ја даде довербата пред 20 години. Не смееме да ја заборавиме и Љубица Велкова, која е долгогодишен кројач и гардеробер во ТДМ. Таа е врвен професионалец кој со голема љубов се грижи за сите костими во Театарот – рече Ношпал.

Во претставата суровиот и себичен принц е казнет од Злобницата Волшебница, која го претвора во ѕвер. Само убавината, добрината и љубовта го прават она што изгледа невозможно – суровоста да се претвори во човечност. Оѕверениот ѕвер многу брзо ќе ја засака најубавата меѓу најубавите т.е. Убавицата. Но, за да биде симната клетвата на Злобницата Волшебница ќе мора и Убавицата да го засака Ѕверот. Ова се чини како невозможна мисија, доколку Ѕверот не добие неопходна помош од неговата помошничка наречена Скакулка.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.