Музичарите на Македонската филхармонија синоќа во Градскиот парк не вратија во детството преку музиката од цртаните филмови. Придружувани од специјални видеопроекции, ги свиреа темите од култните цртани филмови од земјите од источниот блок, кои го обележаа детството на генерациите од 1970-ите и 1980-ите години. Во аранжмани на Владимир Николов и под диригентство на Џијан Емин, деца, тинејџери и возрасни уживаа во темите од „Балтазар“, „Ну Погоди“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“… На вториот бис, публиката со овации ја поздрави темата од „Пинк пантер“.

Џијан Емин природен и спонтан на сцената како секогаш, кога публиката побара бис им рече: Ќе завршиме со „Мечето Ушко“, сите на миење заби и во кревет.

Оние кои сега како родители беа со своите деца во Градскиот парк на Филхармонија на отворено „Ну Погоди“! беа сведоци токму на тоа време. Кога во 19.15 часот се емитуваше цртан филм на телевизија, миевме заби и на спиење.

Фантастична изведба, носталгија, емотивно навраќање кон спокојното детството на генерациите кои израснаа со „Ну Погоди“, „Густав“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“… Љубопитност, запознавање со поинаква визуелна и музичка илустрација на анимираните филмови за најмладите кои денеска растат со сосема други цртани. Концертот на Филхармонија во Градскиот парк го проследија илјадници вљубеници во музиката од најразлични генерации и сите искрено уживаа во магијата која филхармоничарите ја креираа на сцената, водени од прецизната рака на Емин Џијан.

Публиката уживаше во фантастичните аранжмани на Владимир Николов, кои деликатно и автентично ја отсликуваа генијалната музичка илустрација на цртаните филмови, надополнети со извонредниот настап на хорот „ПроАрс“,  и секако во моќната и сигурна изведба на оркестарот на Филхармонијата.

Ова беше уште еден автентичен концерт на Филхармонијата, надвор од концертната сала, на отворено, во Градскиот парк. Неконвенционалниот програмски концепт и овој пат донесе свежина, нудејќи и на публиката нов музички израз, надвор од рамките на т.н. класична музика. Ова беше прв концерт од циклусот „Филхармонија на отворено“. Следниот, насловен „Љубов и револуција“ е во сабота, а публиката ќе може да ужива во песните на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“…

фото: Филхармонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.