Со претстави во живо, но и фестивалски онлајн претставувања и првпат во хибридно издание и надвор од својот вообичаен термин, од денеска, 24 ноември (вторник) до 3 декември ќе се одржи 45. Меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“.

На овогодинешното издание, за кое организаторите Младинскиот културен центар, ќе истакнат дека немало да си простат, доколку не го реализираат во соодветна форма за пандемиски услови, ќе бидат претставени 12 претстави од домашна продукција, но и театарски куќи од Словенија, Србија, Грција и Хрватска. Хибридниот „Млад отворен театар“ ќе се случува на три сцени, и тоа Младинскиот културен центар, Универзална сала, како и во домовите на публиката и под мотото „Ќе има и утре“.

Фестивалот се отвора со премиерата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ на Кристина Леловац и Филип Јовановски, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019). „Универзална во пламен“ е перформанс – есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши.

Додека општеството дебатира дали еден објект во центарот на градот треба да се урива или не, ние на тоа одговараме со уметност. Немаме историска дистанца од општествениот проблем, што е особен предизвик, туку сме еден спроти друг со него и си го поставуваме прашањето која е улогата на уметноста сега во општеството и кое е тоа општество кое нé доведе до овде. Да се прашуваме дали да се руши или не. Што не е некое прашање. Ние се занимаваме со општеството во една поширока рамка. Проблемот со Универзалната сала покажа и дека нам како општество ни треба катарза, па тоа го пополнуваме со некои половични решенија како рушење во живо на некоја дивоградба на објект во Мавровка и тоа народот едвај чека да го гледа. Нам ни треба трагедија, за да се случи катарза, за да можеме одново да го изградиме општеството на некои други вредности на кои почивала солидарноста во време кога Универзална е изградена“, вели Јовановски посочувајќи дека дел од изразот во претставата е токму тоа што таму нема стуја, има многу прашина и расклатени столици, односно дека естетиката е дефинирана од самиот контекст, а текстот е изграден од самата зграда на лице место, а не претходно.

Претставата ќе има 5 премиерни изведби, од 24 до 28 ноември.

Во десет фестивалски вечери, покрај оваа, ќе можат се видат уште две премиери, и тоа перформансот „Screensaver“, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес.

Публиката во фестивалските денови ќе може да ги проследи и продукциите „Траги од Антигона“ на ОДЦ Ансамбл од Грција, „Полковникот птица“ на Гостиварскиот театар, „Ајхман во Ерусалим“ на Загребачко казалиште младих од Хрватска, „Три сестри и Наташа П.“ на Артмедиа и НОБ, „Илузии“ на Wonderland Theatre, „Иднината е приватна“ на Пресврт, „Спроти нештата“ на Словенско младинско гледалишче, „Кожурец“ на Артопија и „Лоунли Пленет“ на Aтелје 212 од Србија.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, а цената на билетите за претставите (во живо) e 300 денари, додека онлајн тие се бесплатни, но неопходен е билет, бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен.

Сработивме многу годинава и не сакавме да дозволиме единствено да не се случи МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и затоа оптимистички го отвораме и затвораме фестивалот со претстави во живо, бидејќи ќе има и утре!“, вели директорот Русе Арсов во име на тимот на МКЦ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.