Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска верува дека застојот со градежните работи на универзалната сала во Скопје е поради смената на градската власт, затоа што за неа има проект и обезбедени се средства.

Нема проблеми со проектот за Универзалната сала која е донација од Република Бугарија по земјотресот од 1963 година во Скопје. Застанати се градежните работи, иако за Универзалната сала имаше проект од претходниот градоначалник, а имаше обезбедено и средства. Сакам да верувам дека тоа е поради промената на власта. Универзалната сала како музеј на културата мора да биде ставена во функција најбрзо што може – порача Костадиновска-Стојчевска, одговарајќи на новинарско прашање денеска по посетата на тријазичното училиште „Јашар Беј Шкупи“ во Чаир.

Таа упати одговор за застојот да се побара кај градоначалничката Данела Арсовска.

Универзална сала стои со соголена фасада и не се одвиваат никакви градежни работи за реконструција на објектот, откако реновирањето почна во септември лани,.

На дел од објектот беше поставено скеле, работите почнаа, со што се изврши целосно уривање на старите делови.

До октомври требаше целиот објект да добие нова конструкција, за да може да  почне изведбата на надворешноста и куполата, кои требаше да  бидат готови до крајот на годината. По завршувањето на андворешната конструкција, требаше да  почне втората фаза, односно реконструкцијата на внатрешноста.

Но, по локалните избори и промената на градоначалничката фунцкија градежните работи се прекинати и објектот стои соголен.

Градоначалничката Арсовска во декември на брифинг со новинарите кажа дека фасадата и куполата ќе се завршат до пролет, а за внатрешноста во моментов нема пари бидејќи од Владата се префрлени средства само за надворешноста, а немало ниту проектна документација.

Изведбата на фасадата и покривот чинат 1,8 милиони евра, кои беа обезбедени од Владата. Градежните работи ги изведува фирмата „Универзал Балкан“.

Универзална сала е затворена седум години, односно од 10 март 2015 година. Универзална сала е изградена после скопскиот земјотрес како донација на Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.