Државно-црковна делегација од Република Македонија од денеска престојува во Рим и во Ватикан каде ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамките на одбележувањето на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“. Делегацијата ја предводи претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Во рамките на културната програма, попладнево во салата „Балдини“ во Рим, во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ државно-црковната делегација ќе присуствува на концертот на младите и талентирани уметници – Гоце Златев на пијано и Магдалена Дрмач на виолончело – ученици од трета година во Музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“. На програмата се Соната за пијано бр. 2 оп. 5 од Фредерик Шопен и Соната за виолончело и пијано бр. 1 оп. 38 од Јоханес Брамс.

Талентираните ученици се добитници на повеќе престижни награди на меѓународни музички натпревари. Веќе членуваат во ансамбли, а бележат и завидна солистичка концертна дејност.

Пред концертот, за мисијата и значењето на делото на светите браќа Кирил и Методиј, ќе говори директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, д-р Елена Јованова-Грујовска.

Делегацијата на Република Македонија ќе присуствува на молебен во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, каде што ќе положи венец на гробот на Свети Кирил, а потоа ќе ја разгледа изложбата на македонскиот уметник Решат Амети, која е поставена во Амбасадата на Македонија во Светата Столица.

Според агендата, државно-црковната делегација ќе присуствува на аудиенција кај папата Франциск во Ватикан, а ќе положи и цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на Свети Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.