Во Државниот Музичко Балетски Училишен Центар  “Илија Николовски-Луј” не постои зборот распуст. За разлика од најголемиот број училишта, каде училиштата се испразнети, а наставниците се посветени на обврските по завршувањето на наставната година, тоа не е случај со ова училиште. Неуморно секој ден, голем број ученици работат со своите наставници и се спремаат за нивните настапи.

Нашите ученици заедно со нивните наставници  не познаваат збор “распуст” или пак збор “викенд”. Уметноста не трпи заборавање на инструментот.  Посебно кога учениците се спремаат да настапат во различни градови низ Европа, вели директорот Јован Бицевски.

Пред само две недели во периодот од 20 до 24ти Јуни, на покана на CREART, 23 ученици и наставници од Насоката за традиционална музика и игра, гостуваа на Интернационален фолклорен фестивал ” Традицијата и музиката на Букурешт” . Учениците се претставија на високо професионални сцени и беа дел од интернационално дефУилирање низ централниот дел на Букурешт, заедно со фолклорни ансамбли од Кина, Србија, Украина, Црна Гора, Словачка и Романија.

А веќе денес, нова група од 10 ученици и наставници заминаа во Италија, каде заедно со нашите ученици учествуваат и ученици од Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Словенија, Црна Гора, Грција, Шпанија, Романија и Италија. Станува збор за Фестивал на млади музичари од Медитеранот, проект за соработка меѓу музичките училишта од источна и западна Европа кој има за цел да ги надмине меѓусебните разлики и да развива и поттикнува вистински вредности преку заедничко музицирање.

Проектот кој беше регионален и започна со бесплатен семинар и концерти во Призрен, прерасна во голем меѓународен проект. Секоја година неколку ученици заминуваа во Призрен, а потоа неколку од нив беа одбирани да настапат со оркестарот кој работи и одржува концерти во неколку градови во Италија. ДМБУЦ “Илија Николовски -Луј” веќе неколку години е партнер училиште со организацијата “Ipsia” Forli-Cezena, Италија, претставувано од Teresa Indelicatti, кои се организатори на мастеркласи и концерти за ученици од музичките училишта од Балканскиот регион. После повеќе години меѓусебна успешна соработка”Wunderkammer orkestra”,претставувано од  Stefano Gothi од Песаро, Италија, во соработка со организаторите на проектот “Musica: a bridge among people” Forli-Cezena, поканети беа двајца ученици од нашето училиште Дани Жоговска -пијано и Даниел Мојсоски – виолина да одржат концерт во прекрасно уредениот простор за концерти во катедралата Ss.Annunicia во Песаро, Италија. На концертот присуствуваше многубројна публика, како и претставници од општина Песаро. Даниел имаше чест концертот да го изведе на виолина стара стотини години со голема уметничка и парична вредност. Дани и Даниел од организаторите добија паричен износ во вид на стипендија за поддршка на нивното понатамошно образование. Концертот се одржа на 09.12.2018 година, ни изјави одговорниот наставник од училиштето за овој проект Николина Тодоровска.

Посебно ме израдува поканата  во декември 2018 година, која ја добија двајцата наши ученици Дани Жоговска на пијано и Даниел Мојсоски на виолина да одржат концерт во Италија. Сон на секој ученик и музичар е да има можност за рецитал во некој концертен простор. Концертот помина одлично, публиката воодушевена, а местата во салата исполнети до последно место.  Затоа, и понатаму ќе се вложувам максимално за најдобрите ученици да бидат видени на големите сцени во европски градови, а не да останат во своите училници и да настапуваат само пред своите најблиски пријатели и роднини. Навистина е за гордеење да се биде директор на вакви ученици, изјави директорот Јован Бицевски.

А ученици во училиштето и понатаму има секојдневно. Работат и спремаат за следните концерти и натпревари, со што сите во државата ќе се гордеат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.