На 27.01. четврток, со почеток во 19 часот на програмата на Театарот за деца е младинци е претставата „Убавицата и ѕверот“.
Еден од најдобрите и најчесто поставуваните драмски текстови на младиот српски драмски писател за деца Игор Бојовиќ, во 1998 година доживеа премиера во нашиот театар. УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ е првата детска претстава која го надмина бројот од 300 изведби.

Суровиот и себичен принц е казнет од Злобницата Волшебница, која го претвора во ѕвер. Зарем не е така и во животот? Зарем малку сурови луѓе со тек на време станале вистински ѕверови? Само убавината, добрината и љубовта го прават она што изгледа невозможно – суровоста да се претвори во човечност. Оѕверениот ѕвер, одглумен од незаменливиот Владимир Лазовски, многу брзо ќе ја засака најубавата меѓу најубавите т.е. Убавицата, претставена од прекрасната Ана Левајковиќ-Бошков. Но, за да биде симната клетвата на Злобницата Волшебница, оригинално и енергично одиграна од Катарина Илиевска-Силјановска, ќе мора и Убавицата да го засака Ѕверот. Ова се чини како невозможна мисија, доколку Ѕверот не добие неопходна помош од неговата помошничка наречена Скакулка, лик кој со маестрална леснотија и интеракција на сцената го донесе актерката Татјана Павловска Кочовска. За нејзината актерска бравурозност зборува и меѓународната актерска награда што за оваа улога таа ја има освоено на Суботичкиот Фестивал во 1998 год.
Дали Убавицата ќе се заљуби во Ѕверот и дали тој конечно ќе си го врати човечкиот лик, останува на Вас да откриете. И покрај тоа што генерации и генерации на деца израснале со оваа претстава, се уште е една од најпосетуваните наши претстави.
Играат: Ана Левајковиќ Бошков,Тања Кочовска,Владимир Лазовски,Драган Довлев,Катарина Илиевска Силјановска,Предраг Павловски.
28.01. петок – „Јованче и Марика“ – 19. часот
Јованче и Марика се најпознатите брат и сестра во литературата за деца. Браќата Грим им подариле ,,вечен” живот. Генерации и генерации растеа со оваа прекрасна бајка која ни ја покажува вистинската љубов помеѓу братот и сестрата,нивната добрина и нивната желба за среќно семејство.
Марика е мила, малку плашлива, Јованче љубопитен, храбар, доаѓаат во ситуација сами да се борат со вештерката,која го маѓепсала нивниот татко. Тука се преплетуваат светот на фантазијата и реалноста. Најважната порака на оваа бајка е дека и во најтешките моменти треба да веруваш во себе.
Дали бајка, во денешниот свет,кога на децата им се нудат најразлични содржини може да опстане? Дали може да „парира” на современата технологија, на компјутерските игри,на 3Д анимацијата? Секако дека може и тоа токму во театарот!
Играат: Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Ангела Димитрова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.