НУ Турски Театар на 17.11.2019 г. (недела) со почеток во 20 часот ќе ја изведе претставата „Зад затворени врати“ од Жан Пол Сaртр, во режија на Џабир Доко.

Претставата ќе биде изведена на сцената во Театар Комедија со титл на македонски јазик.

Пеколот, тоа се другите!

Жан Пол Сартр не само што е еден од најголемите умови на минатиот век кој оставил сериозен белег со својата филозофска мисла, туку тој е и ингениозен драмски автор кој во своите дела ги рефлектира сопствените ставови и сфаќања за животот и човекот.

Зад затворени врати (No Exit) претставува една драма која во суштина е сублимат на Сартровиот егзистенцијалистички поглед кон човекот, животот, смртта, религијата, слободата…

Дали најголемата човечка трагедија е минливоста на човечкото битие или пак вечната судбина на осаменост? Дали религијата и концептот на креатор – Бог претставува олеснување и излез од оваа судбина? Дали човекот кој е единственото свесно суштество за своето постоење и минливостa може да се бори со своите демони или пак очајот, стравот, мачнината, празнината, осаменоста, ништоста, злото секогаш преовладуваат?!

Отуѓениот современ човек често пати спасот го бара во тривијалните појави, технологијата, науката, постојано креира нови култови, богови/божици, филозoфии, религии…Ваквиот човек константно го проширува својот „свет“, а со тоа ја намалува важноста на сопственото постоење.

Дали во современиот свет човековата волја може да биде слободна и дали поединецот има простор за сопствени одлуки или пак сето тоа е само една бледа копија на строго зацртаните општествени правила?! Денешните општества се трудат да промовираат максимална слобода на поединецот, а со тоа и максимална одговорност! Одлуките и постапките даваат можност на господарување со сопствената „судбина“, а со тоа се создава еден нов концепт на Бог!

Познатата максима на Сартр- „Пеколот, тоа се другите“, отвара една сосема нова перцепција за феноменот наречен „пекол“. Пеколот кој го носиме со себе, пеколот кој е присутен секаде и во секое време, пеколот кој се создава со самото раѓање на поединецот.

Гарсeн, Инес и Естел се ликови кои се кријат меѓу сите нас, меѓу нашето опкружување, семејство, пријатели… Сите ние сме мета на погледите на садистичко-воајеристичка маса на луѓе, кои уште повеќе ја зголемуваат “жештината“ на нашиот пекол, вели Џабир Доко, режисер на претставата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.