„Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски во издание на „Антолог“ е избран за „Роман на годината“, книжевната награда која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

„Скриени желби, немирни патувања“ е оригинална, впечатлива иновација во македонската литература, рече писателката Калина Малеска, која е член на жири-комисијата за доделување на наградата.

Книгата „Скриени желби, немирни патувања“ од Јанковски е национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“ за 2020 година.

Литературата и раскажувањето приказни ни се потребни, бидејки прикажуваат дека животот е полн со нијанси, не е црно-бел, туку полн со различни перспективи. Треба сите да се потрудиме литературата и уметноста да допрат до нашите сограѓани, бидејки така создаваме посложена перспектива за животот што не опкружува. Затоа приказните и литературата се многу битни, изјави лауератот Јанковски при доделувањето на наградата.

За наградата оваа година конкурираа 40 романи, а во најтесниот круг се натпреваруваа романите „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски („Или – или“), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски („Антолог“), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски („Антолог“) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).

Јанковски рече дека прочитал голем дел од книгите што беа во овогодинешната конкуренција за доделување на наградата „Роман на годината“ и според него, станува збор за исклучителна година од аспект на книжевната продукција.

Станува збор за исклучителни книги. Слободно, која било од книгите која влезе во последниот, па дури и од претпоследниот круг можеше да го заземе ова место, затоа што станува збор за книги што го прават токму она што не го правиме во јавниот дискурс во којшто моментално живееме, рече Јанковски.

Жири-комисијата во состав на претседателката Оливера Николова, Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и претставничката на фондацијата Катерина Богоева, го соопштија лауреатот денес на прес-конференцијата во кафе-книжарницата „Буква“.

Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 22-ри пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.