Mеѓународниот фестивал на европски филм, Синдејс за првпат годинава овозможува „Тивко кино“ (Silent cinema) на два кино простора.

Проекции ќе има денеска и утре на локациите на кино Напредок и кино Маџари.

Во густо населените средини, со цел да не им пречи на граѓаните кои живеат во непосредна близина, CINEDAYS ја покрена иницијативата „Тивко кино“. При проекција на филмовите не се создава бучава, секој ќе има можност звукот да го слуша на слушалки, и да има многу лично доживување на содржината, вели Маргарита Арсова, координаторка на фестивалот.

На репертоарот се четири филма од програмата „Синедејс“ ретро. Проекциите на филмовите и користењето на реквизитите (слушалките) е согласно протоколите за одржување на настани на отворено.

КИНО НАПРЕДОК

20:00 ХЕРБЕРТ
режија: Томас Стубер

Поранешниот шампион во бокс на Источна Германија, Херберт, нема победа во животот уште од падот на Берлинскиот ѕид. Денес тој е вратар и рекетар и се обидува да го оживее минатото, тренирајќи го неговиот млад штитеник Еди. По еден тренинг, Херберт, ненадејно паѓа грчејќи се во болки. Сепак на почетокот решава да ги игнорира знаците. Но кога физичките проблеми стануваат сé поочигледни. Херберт конечно оди на прегледи кај специјалист, кој му дијагностицира неизлечива нервна болест. Му преостанува малку време и Херберт се бори со себе и со грубиот карактер што го развил низ годините.

22:00 МУСТАНГ

режија: Дениз Рамзе Ергувен

Доаѓа лето. Во едно село во северна Турција, Лале и нејзините четири сестри се враќаат дома од училиште и патем невино си поигруваат со неколку момчиња. Неморалот на нивната игра доведува до скандал со неочекувани последици. Семејниот дом полека се претвора во затвор. Училиштето е заменето со домашно школување, а почнуваат да се договараат и бракови. Петте сестри што ја делат истата страст за слобода, наоѓаат начин да ги заобиколат наметнатите ограничувања.

КИНО МАЏАРИ

20:00 ТИЛВА РОШ
режија: Никола Лезаиќ

Бор, Србија, некогаш најголемиот рудник за бакар, сега само најголема дупка во Европа. Се случуваат мали работнички протести, Тода и Стефан се најдобри другари, скејтери, кои го поминуваат првото лето по завршување на средното училиште. Стефан наесен ќе оди на факултет во Белград. Тода вели дека не би се запишал на факултет дури и да има пари. Времето го помунуваат во снимање на видеа во стилот на „Џекес“ и дружење со Дуња, која се враќа од одмор во Франција, и полека започнуваат тивка борба за нејзиното внимание. Во тој необичен однос на пријателство во изумирање и ривалство, постојано се обидуваат да се надминат. Но, кога малиот работнички протест прераснува во огромен бунт, нивната деструктивност ќе ги врзе повторно.

22:00 СМРТ НА ЧОВЕК НА БАЛКАНОТ
режија: Мирослав Момчиловиќ

Почетокот е – смртта на еден композитор. Црна комедија, која го истражува балканскиот менталитет. Камерна драма со многу хумот, одлични дијалози, необична снимателска работа. Осумдесет минути камерата е во еден агол на станот, а сé пред неа се случува со необична динамика и темпо. Во филмот се препознаваат сите лоши аспекти на Балканот, од ситните интереси, суеверието, страв од власта, лицемерието. Филм преполн со маниризам и сатира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.