Претставници на националните театри на Србија, Македонија и Албанија во Владата на Србија потпишаа протокол за соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“.

Договорот, кој беше инициран на неодамнешниот форум „Отворен Балкан“ во Охрид, го потпишаа в.д. директорот на Народниот театар од Белград Светислав Буле Гонциќ, директорот на Националната опера и балет од Скопје Васо Ристов и Абигајла Воштина од Народниот театар, опера и балет од Тирана, додека дополнително ќе го потпише и Симона Угриновска од Македонскиот народен театар.

Во Охрид ја изнесовме идејата за можноста за заедничка соработка на културно ниво, на ниво на размена меѓу Тирана, Скопје и Белград и дојдовме до идеја за формирање „Отворен Балкан- театарски фестивал“, кој би подразбирал размена на искуства, педагози, уметници и изведби, изјави по потпишувањето директоторт на Народниот театар од Белград, актерот Светислав Буле Гонциќ.

Документот беше потпишан по разговорите во Белград каде претставниците на националните куќи „се договорија, се согласија и го зацртаа основниот пат на еден ваков фестивал“, рече Гонциќ.

Фестивалот се роди на идејата дека треба да ја отвориме вратата кон иднината, особено на младите и да започнеме во еден нов концепт и свет. Поминавме многу време разговарајќи на таа тема, и официјалното потпишување на договорот формално го означи новиот почеток, рече Гонциќ.

Изразувајќи надеж дека фестивалот „ќе има позитивно влијание и врз публиката и врз самите творци“, Гонциќ додаде дека во следните неколку месеци ќе се направат подготовки за практично да се спроведе договорот и да се донесе одлука што ќе се прави.

Фестивалот „Отворен Балкан“ е шанса да се зближиме и да соработуваме уште повеќе и да си помагаме како институции. Здрави, живи, во 2023 година мислам дека ќе почнеме да го спроведуваме овој наш договор што го договоривме вчера и денеска, изјави директорот на Националната опера и балет од Скопје Ристов.

Абигајла Воштина од Народниот театар, опера и балет од Тирана рече дека е „среќна поради поканата од Белград“, бидејќи е сигурна дека „заедно можат да се направат големи работи“.

Ние сме толку блиски и на многу начини сме слични. Имаме некои детали и бои кои се различни, но со отворен ум и памет можеме да постигнеме се што сакаме, нагласи Воштина.

На потпишувањето на договорот присуствуваше и помошникот за современо творештво во Министерството за култура на Србија, Радован Јокиќ, кој истакна дека „на меѓусебното разбирање ништо не може да одговори како културната соработка, а денес културата е потребна повеќе од кога било“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.