Театарот за деца и младинци (ТДМ) денеска, на 25 март го прославува 32-от роденден и го најавува првиот интернационален театарски фестивал на детски театри именуван според како што велат од ТДМ никогаш незаборавен колега и раскошен актер Игор Маџиров.

По 32 години успешна работа, со бројни меѓународни награди и признанија, со неколку рекордни изведби на претстави во нашиот театар, сакавме да ја продолжиме нашата успешна приказна, создавајќи го и овој фестивал, чија цел е промоција на детски претстави работени од наши колеги од светот, вели директорката на ТДМ Катерина Илиевска – Силјановска.

Интернационалниот театарски фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ ќе се одржи од 30. септември до 4. октомври 2022 во Скопје. Фестивалот ќе биде со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат седум  награди за кои ќе одлучува интернационална жири комисија составена од три члена. Наградите кои ќе ги доделува фестивалот „Игор Маџиров“ се: Гранд при награда за најдобра претстава во целина, за најдобра режија, за најдобра машка улога, за најдобра женска улога, за најдобра сценографија, за најдобра костимографија и Специјална награда.

Покрај главната натпреварувачка програма, фестивалот ќе има и придружна програма во која ќе се одржат работилници, семинари, дебати посветени на куклениот, детскиот и младинскиот театар.

Во тек е отворен конкурс за доставување пријави за учество, на порталот www.puppet.com.mk. Право на учество имаат домашни и странски професионални ансамбли кои творат во областа на детскиот театар. Апликацијата и сите неопходни информации за првото фестивалско издание може да се најдат на македонски и англиски јазик. За главната натпреварувачка програма ќе одлучува Селекторот, во соработка со Уметничкиот совет на фестивалот.

Иницијативата за основање на овој фестивал е мотивирана од желбата на колективот на Театарот за деца и младинци, а истата е продолжение и на т.н. Балкански кулкен фестивал, што во раните 90ти години беше организиран од нашиот театар во соработка со сите други регионални театри. Среќни сме што сите овие аспекти беа препознаени и од Министерството за култура, кое оваа година го поддржа овој проект во програмата за проекти од Национален интерес во културата.

Веруваме дека фестивалот „Игор Маџиров“, ќе ја збогати културната понуда во нашата земја и во иднина ќе биде престижен фестивал со традиција,, чија цел е промоција и афирмација на детската театарска продукција, како основен естетски и едукативен потенцијал за нашата детска публика, додава Илиевска – Силјановска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.