Театарот за деца и младинци (ТДМ) ја подготвува првата првата интерактивна театарска претстава за бебиња во Македонија „Облак во мала кутија“.

Премиерата е закажана за први декември, вторник, во 19 часот, а режисер е Бојана Лазиќ од Србија.

Претставата е со интерактивен карактер и се изведува за ограничен број на посетители. Истата ќе биде изведена согласно протоколите за заштита од Ковид 19, велат од ТДМ.

„Облак во мала кутија“ е првата интерактивна театарска претстава за бебиња во Македонија. Нејзини гледачи се мали дечиња кои штотуку наполниле 12 месеци како и нивните родители. Разни визуелни изненадувања, колективни игри, весела музика, палави зборови, необични форми и пријатна атмосфера се преплетуваат во претставата, вели режисерката за претставата.

Во претставата играат: Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски и Никола Наковски.

Сценографијата и костимите се на Бранислав Станковиќ, а композитор е Владимир Пејковиќ.
Костимите ги изработи Љубица Велкова.

„Облак во мала кутија“, во споредба со претставите за постари деца, младинци и возрасни луѓе, не е заснована на наратив туку на дејствија кои будат и провоцираат љубопитност. Содржините се прилагодени за возраста на публиката и осмислени се со цел да ги стимулираат сетилата и да ја поттикнуваат фантазијата.

Просторот во кој актерите ги дочекуваат бебињата и родителите е безбеден, удобен, мек и нежен. Во тој простор сите можат да се опуштат и да уживаат. Актерската игра се заснова на импровизации и интеракција. Нема јасни граници за тоа кој е изведувач, а кој е гледач па од време на време актерите ќе гледаат во бебињата и од време на време бебињата ќе ги набљудуваат актерите. Сценографијата е дизајнирана така што треба да поттикнува развој на когнитивни и моторички способности, социјални способности како и тактилни сензации. Децата можат цело време да уживаат, а можат и да истражуваат со дискретна помош од актерите, вели режисерката Лазиќ.

Идејата е актерите/изведувачите да ги инспирираат дечињата за да ги поведат во лавиринт од апстракции, нежна музика, пријатни изненадувања, сетилни сензации и соновна атмосфера.

„Облак во мала кутија“ им нуди на бебињата и родителите доживување што не можат да го почувствуваат ни во една соба полна играчки, ни во парк, игротека, а ни во некоја градинка… Оваа магија не може да се случи никаде освен во театар, додава режисерката Лазиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.