Театарот за деца и младинци (ТДМ) ја подготвува младинската претстава „Касета“, во режија на Бесфорт Идризи, а работена според истоимената драма на Денис Магнусон. Премиерата е закажана за среда, 11 декември.

Претставата има повеќе важни аспекти за младата публика. Од една страна открива цел еден музички свет, но истовремено од друга страна, се фокусира на семејните односи. Сето ова се прави на начин кој е мошне интересен за младите, односно тинејџерите, кои додека откриваат нови светови за нив, ги запоставуваат односите со нивните родители сметајќи ги нив како здодевни, вели режисерот Идризи.

Во претставата играат: Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Винета Дамческа Мојаноска, Мартин Јорданоски и Ненад Митевски.

Во претставата се говори за едно семејство, составено од бунтовна тинејџерка по име Тува и нејзиниот татко, Стефан, кој се грижи за неа. Тува, на таванот во правливите работи открива нешто, за неа комплетно непознато, музичка касета, а на неа, напишано само едно име ,,Горбар“.
Од тој момент, таа касета станува предмет на нејзино истражување, и ѝ помага подобро да ги запознае и открие нештата во нејзиното семејство. Перцепцијата за нејзиниот татко, кој го смета за здодевен и старомоден, се менува од корен, одеднаш, тој, станува нејзината гордост – нејзиниот херој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.