Вечерва, со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар ќе се одржи претставата „ИМПУЛС“ на Скопје танцовиот театар и Катедрата за танц при УГД.

Претставата е составена од два дела, во првиот дел ќе ја видиме кореографијата, под наслов „Ние сме сѐ што имаме“ на Ана Папаниколау и музика на Василис Манцукис, а ќе настапат студентите на Катедрата за современ танц при УГД: Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела Ангела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска.

Кога имаме потреба мораме да се поддржуваме еден со друг, да се грижиме за оние кои бараат помош. Не само со зборови, туку и со нежност и дела. На крајот на краиштата, како луѓе во овие тешки услови – како општество, ние сме сѐ што имаме – вели авторката, која е студент на магистерски студии за кореографија при УГД.

Вториот дел е проектот под наслов „DANCING TABLE“ во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, музиката е на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ. Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Бобан Русески и студентите на Катедрата за современ танц при УГД: Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела Ангела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска, Стефанија Милевска Враниќ.

Интерарт културниот центар со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, го започна проектот во кој преку уметнички активизам, сака да ја подигне свеста за родова еднаквост и семејното насилство. Продукција на Скопје танцов театар со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.