Во време кога на Европа ѝ е потребно единство како никогаш досега, преку културата, која е синоним на заедништвото, ја афирмираме македонската музика. Денеска сме меѓу пријатели, во преубавата Прага во која се школувале наши врвни имиња од културата, особено во филмската уметност, рече синоќа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод Денот на независноста – 8 Септември во Прага, каде продолжија настаните од манифестацијата „Денови на македонската културата“.

-Честит да е Денот на нашата независност кој го одбележуваме во еден од најубавите градови во Европа и во земја пријател! На домаќините им благодарам за чувството дека на 8 Септември, на нашиот трет Илинден, како да не сме далеку од дома. Веројатно и поради фактот што со Република Чешка споделуваме богато словенско минато и неопходна европска иднина, рече министерката пред концертот на реномираниот Камерен оркестар од Битола и истакнатите солисти Влатко Стефановски и Тамара Тодевска.

Министерката за култура, цитирајќи го Вацлав Хавел, првиот демократски избран чешки претседател, писател и борец за човекови права по падот на Берлинскиот ѕид и по Сомотската револуција во чии први редови беа токму културните работници и студентите, нагласи дека тиранијата и ѕидовите не им прилегаат на уметноста и на младоста – тие се нивните најголеми непријатели.

-Денеска сме меѓу пријатели, во преубавата Прага во која се школувале наши врвни имиња од културата, особено во филмската уметност. И денес тука имаме македонски студенти по уметност. Се радувам на средбата со нив. Ревијата на македонски филмови, театарската претстава и концертот што следува се само дел од размената на нашите културни вредности, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура нагласи дека во време кога на Европа ѝ е потребно единство како никогаш досега, преку културата, која е синоним на заедништвото, ја афирмираме македонската музика преку настапот на реномираниот Камерен оркестар од Битола, со единствените Влатко Стефановски и Тамара Тодевска како солисти



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.