Краткометражниот филм „Вера“ на Верица Недеска Трајкова ќе ја има својата светска премиера на „Балкан панорама филм фестивал“, кој ќе се одржи од 15 до 20 октомври годинава во Измир, Турција. „Вера“ е дел од петте филмови избрани во официјалната натпреварувачка селекција насловена Yellow Umbrella на шестото издание на фестивалот.

Учеството на Балкан Панорама е всушност и светската премиера на „Вера“, со оглед на тоа дека филмот не се прикажа на другите фестивали каде што е официјално селектиран поради ситуацијата со ковид-19, изјави Димитар Димовски, продуцент на филмот.

Филмот е финансиран од Агенцијата за филм и е копродукција помеѓу Стори Скоп, Фокус Покус Филмс и Филмски институт – Охрид. Главните улоги ги толкуваат Сабина Ајрула и Симона Димковска, а останатата актерска екипа ја сочинуваат Ристо Стефановски, Александар Степанулески, Јовица Михајловски, Јасмина Василева и Верица Недеска Трајкова.

Авторскиот тим е составен од Димо Попов – кинематограф, Жаклина Крстевска – костимограф, Дејан Спасовиќ – сценограф, Анастасија Јордановска – шминка, Валентин Видовиќ – композитор на музика, Ристо Алчинов – дизајн на тон, Гоце Миланоски и Микал Рајх.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.