Во организација на германскиот Гете Институт, во Скопје следниот месец ќе може да се види светската патувачка изложба за врвните истражувања во Германија.

„Вселена.Човек.Интелигенција.“ е интерактивна изложба за млади, којашто Гете Институтот во соработка со друштвото Макс Планк ја прикажува низ светот, а од 3 до 28 април ќе може да се посети во изложбениот простор на Културно информативен центар (КИЦ) во Скопје.

Изложбата обработува пет големи тематски области: Вселена, Историја на човештвото, Мозок, Антропоцен и Вештачка интелигенција. За секоја од наведените теми постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите како што се, на пример, компјутерско преобразување (морфинг) на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации со коишто може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и слично.

Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им се покаже дека истражувачката научна работа во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура.

Влезот на изложбата ќе биде бесплатен.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.