Бескрајно посветен на театарот, на глумата, бескомпромисен актер кој блеска со својот талент, човек кој со сите сетила го живееше театарот и со верба се бореше за неговите вредности. Така го опишаа денеска колегите и пријателите актерот Славиша Кајевски, на комеморацијата која се одржа во неговата матична куќа, Македонскиот народен театар (МНТ).

Кајевски почина вчера, на 39 годишна возраст. Беше роден на 1 февруари 1982 во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005.

Актери, режисери, театарски и филмски работници, роднини и пријатели присустуваа на комеморацијата која во чест на Кајевски ја организираше МНТ.

Режисерката Нела Витошевиќ од оправдани причини не можеше да присустува, а нејзиното писмо го прочита актерката Драгана Костадиновска.

Со огромен шок и неверување ја примивме веста за смртта на Славиша Кајевски. Убавиот дечко од „Балет“ со сините очи и обетка на уста. Така го запознав Славиша. Млад и бескрајно талентиран глумец, кој студира на ФДУ и работи како шанкер во „Балет“. Дечко на кој паѓаа сите женски во град, а и на театарската сцена. Дечко, кој со сите сетила го живееше театарот и со верба се бореше за неговите вредности. Од факултет излезе со имиџ на предан и бескомпромисен актер кој блеска со својот талент. Во нашите заеднички соработки и мигови мислам дека најмногу ќе ми остане врежана во сеќавањето неговата огромна страст за улогите што ги создаваше, како и желбата опсесивно да ги решава театарските равенки. Се сеќавам на еден тон разговори до раните утрински часови во кои сме се обидувале да најдеме решение за некоја сцена, да создадеме некој лик, да направиме нешто кое што ќе ни го разбуди адреналинот. Неговата позитивна мисла и спремност да те бодри кога претставата тоне и кога пробата не е добра, таа негова безрезервна поддршка секогаш максимално сум ја ценела и чувствувала. Во овој миг се прашувам дали и јас му ја пружив истата таа поддршка кога нему му беше потребна. Ова прашање мислам дека уште долго нема да можам да го одговорам. Денеска не можам да присустувам не неговата комеморација и најмалку што можам да направам, со овие неколку зборови во кои верувам дека се препознава неговата човечка убавина, неговата чесност и предаденост, како и на нашите театарски подвизи секогаш ќе се навратам со огромна радост. Ми се чини дека најмногу од сè ќе се сеќавам на неговата широка насмевка и силната мечта да го освојува светот во име на театарот. Светкај од горе пак мој Славиша, а ние ќе играме на сцена за тебе. Ќе фалиш бескрајно многу, те гушкам силно, Нела.

Костадиновска рече дека ансамблот на МНТ загуби прекрасен и незаменлив колега, добар човек.

Замина Славиша со кој заедно игравме на сцената, Славиша кој режисерите го одбираа поради неговата автентичност и исклучителност. Славиша со кој одевме на турнеи и Славиша кој ми беше другар. Славиша замина и нè остави со размислите за она што уште можеше да направи во животот, на театарската сцена и филмското платно. Цаци, ти секогаш ќе бидеш дел од нашите срца. Нема да си дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. Иако засекогаш ќе нè боли празнината од твоето отсуство. Ќе ни недостасува твојата безрезервна љубов, поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги на сцената, рече Костадиновска.

Сашко Коцев се потести за студентските денови поминати со Кајевски.

Грд сон. Кога излегував на сцена, ги видов двете маски, насмеаната и тажната. Славиша ги имаше двете маски и тажното и смешното. Се запознавме во 2001 година на Факултетот за драмски уметности, седнат на една скала и веднаш знаев дека таа специфичност, изразот на лицето, на очите, веднаш знаев дека тој човек ќе биде дел од театарскиот живот. Потоа патот го трасиравме заедно, влеговме како славната тројка: Славиша, Гораст и Сашко. Убавиот, грдиот и грдиот. Меѓу себе се нарекувавме Света Тројца. Нашата гардероба број 5, ја нарекувавме Света Петка, рече Коцев.

Кајевски не се штедел за никого, а Коцев призна дека замислувал како еден ден ќе остарат заедно и уште ќе се расправаат за истите работи. Кајевски за никого ништо не премолчел, но за себе не кажал многу работи.

Кон никого не се штедеше, ги фалеше, за никого не штедеше зборови. Ќе ни фали многу. Го гледам животот пред мене и замислував како ќе остареме заедно, ќе седиме тројца задрти старци и уште ќе се расправаме за истите работи. Театарот загуби еден многу голем рефлектор, кој светеше силно, светеше непрекинато. Светеше зад сцена, светеше за сите синдикални прашања. Многу храбар, многу силен во својата светлина, толку избувлив, а толку кроток и ранлив. Многу го сакаше театарот. За никого ништо не премолче, но за себе премолче многу работи.

Славиша, овие даски тука до влезот на сцена, уште многу ќе крцкаат и ќе мирисаат на твоите цигари. ‘Брат уште два дима и јас сум на ред’. Не се штедеше никогаш.
На овие настани обично се зборува колку си бил близок со некого. Но, мислам дека треба и да се каже колку не си бил близок и колку си можел да помогнеш, рече Коцев.

Меѓу улогите на Кајевски се: Клег во „Бесачи“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, Таткото во „Соларис“, Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Тероризам“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, Таткото Тил во „Сината птица“, Озрик и Цар Едип во „Аферата Елсинор“, Готфрид Најцзекер во „Вечната куќа“, Грен во „Подемот и падот на кабарето“, „Декамерон“, „Животот е сон“, Јован и Анѓеле во „Парите се отепувачка“, Корубин во „Свадбата на Фигаро“, Тибалт во „Ромео и Џулиета“, „Бесови“, „Немој ти мене Фауст“, „Троил и Кресида“, „Суд“, „Лет во три глави“, Рака во „Госпоѓа Министерка“, Џими во „Вејка на ветрот“, Гласникот во „Мара/САД“, Маро Мароев во „Дундо Марое“, Морис во „Дракула“..

Го играше ликот на Фантом во филмот „Хомо “, Енди Гомез во „Баагхи“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“ .

Кајевски беше погребан денеска на гробиштата во Ѓорче Петров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.