Српската заедница во земјава со свечена Светосавска академија во Македонскиот народен театар (19 ч.), традиционално ќе го одбележи 27 Јануари, Националниот празник на Србите – Денот на српскиот просветител Свети Сава.

Свети Сава е симбол на нашето творештво низ векови, наш корен на животот, нашето чувство за време, историја и судбината на нашиот народ, изјави по овој повод претседателот на Демократска партија на Србите во Македонија и претседател на Организациониот одбор на Светосавската академија, Иван Стоилковиќ.

На настанот во МНТ е најавено обраќање на претставници на делегации од Србија и Република Српска, а ќе се одржи и богата културно-уметничка програма.

Пред присутните се очекува да се обрати претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ и претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ.

Д-р Славенко Терзиќ, академик и поранешен амбасадор, ќе одржи светосавска беседа.

Во рамките на културно-уметничката програма, пак, ќе бидат одржани неколку претстави во изведба на актерите од Белградскиот народен театар. Исто така, во музичкиот дел ќе учествува и Воениот оркестар на Министерството за одбрана на Република Србија, а ќе настапи и познатата српска пејачка Јелена Томашевиќ.

Свечена Светосавска академија претходно (на 26 јануари) ќе се одржи во Куманово, а на денот на Националниот празник на Србите делегациите од Република Србија и Република Српска ќе го посетат градоначалникот и српските организации во Куманово. Во текот на денот тие ќе бидат примени и од претседателот Стево Пендаровски.

Директниот пренос на свечената Светосавска академија во Скопје, по повод националниот празник на Србите во Македонија, со почеток во 19 часот, ќе го врши Македонската радио-телевизија (Канал 4), најави Стоилковиќ.

Инаку, Министерството за труд и социјална политика соопшти дека во согласност со Законот за празниците на Република Македонија, 27 јануари 2022 година (четврток), Свети Сава, е неработен ден за припадниците на српската заедница во Република Македонија. Воедно, Министерството за труд и социјална политика на сите граѓани, припадници на српската заедница им го честита празникот Свети Сава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.