Основниот граѓански суд Скопје донесе пресуда со која тужбата за клевета на тогашниот директор на агенцијата за филм Горјан Тозија против онлајн медиумот МКД.мк и главниот и одговорен уредник Александар Дамовски ја одби како неоснована, соопштија од Здружението на новинарите на Македонија.

Тужбата се однесуваше за новинарски текст објавен на МКД.мк насловен како: „Нови недоследности на директорот Тозија, ДКСК: Судир на интереси во Агенцијата за филм, рецезент на филмови одлучува за филмовите што ги рецензирала“, каде тужителот Тозија бараше паричен надомест за нематеријална штета за повреда на честа и угледот.

Основниот граѓански суд во Скопје во пресудата образложува дека тужениот медиум и новинар „спорниот текст го објавиле во вршење на новинарска професија, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата и при заштита на јавниот интерес и каде постојат оправдани интереси за таквото објавување.“

Дополнително судот наведува дека „..за носителите на јавна функција, меѓу кои е тужителот, очекувано е да биде изложен на јавна критика и мислење кои се составен дел од работата, при што носителите на јавна функција, мора да имаат највисок степен на толеранција за јавно искажани ставови во врска со нивната работа и да трпат јавна критика и мислење за области од јавен интерес“.

Со објавениот текст се пренесувало соопштение/цитат од Државната комисија за спречување на корупција, а кое се однесуваше за работата на тужителот Тозија кој во моментот на поднесување на тужба ја извршуваше функцијата директор на Агенцијата за филм, дополнително е појаснето во пресудата.

Оваа активност е во рамки на програмата за бесплатната правна помош за членовите на ЗНМ кои се тужени за клевета и навреда, а за овој конкретен случај застапник на тужените беше адвокатот Иван Брешковски од Скопје.

За повеќе текстови на истата тема, Тозија ги тужи и дигиталниот медиум СДК.МК, главниот уредник Горан Михајловски и новинарката Билјана Нестороска. Судскиот процес против нив е во тек.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.