Струмичките актери не отстапуваат од барањето да се поништи изборот за директор на Центарот за култура „Антон Панов“ и тој став ѝ го пренесоа на министарката Ирена Стефоска, која вчера се сретна со нив. Актерите побараа од Стефоска да го поништи конкурсот, бидејќи беа одбиени магистер по културен менаџмент и актер со речиси 30-годишно искуство.

Актерите од Струмичкиот театар покренаа и иницијатива „Фискултура или култура“ за поништување на изборот за директор. На неа се потпишале над 255 културни уметници, а побараа да се престане со именување партиски кадри за раководители во културни институции.

Нашата позиција како иницијативен одбор е дека не отстапуваме од барањето да се поништи изборот односно да се отповика поставениот директор. Ако до понеделник работите не одат во насока на нашата ултимативна цел да биде сменет поставениот директор, ќе пристапиме кон порадикални мерки како непослушност и протести, изјави актерот Стојан Велков по средбата во Министерството за култура.

Актерите се незадоволни по изборот на Васил Бубев за директор, кој е професор по физичко образование по професија. Тој во моментов е директор на градинките, а претходно работел како професор по физичка култура во ОУ „Гоце Делчев’“ во Василево.

Во понеделник ќе биде познато дали ќе се поништи изборот или ќе остане Бубев.

Си дадовме време да го најдеме најдоброто решение во интерес на драмскиот ансамбл и Центарот за култура во Струмица. Им благодарам што со нивната гласност ми помагаат и мене и на сите културни работници во земјата, новиот Закон за култура кој е во процедура што побрзо да биде донесен, бидејќи во тој закон меѓу новитетите е и еден од условите за станување раководител на институција, а тоа се високите стручни квалификации во областа, рече министерката Стефоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.