Општината Струмица оваа година ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“, одлучи комисијата по распишаниот Конкурс на Министерството за култра.

На Конкурсот беа пријавени општините Струмица, Тетово, Кавадарци, Велес и Дебар.

Изборот за Струмица за град на културата за 2021 година доаѓа во време кога актерите од струмичкиот театар не се согласуваат со изборот на новиот директор. Според нив назначувањето на актуелниот директор на градинката во Струмица, Васил Бубев за прв човек на центарот за култура Антон Панов е несоодветен. Велат дека немаат ништо против личноста, но сметаат дека тој не ги исполнува критериумите објавени во конкурсот од страна на министерството.

Денеска министерката за култура Ирена Стефоска заедно со градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски потпишаа договор за финансирање на манифестацијата „Град на културата“.

Општина Струмица во доставената апликација нуди квалитетна и богата културна програма, со содржини од сите дејности на културата. Сите настани кои ќе бидат дел од оваа манифестација се внимателно конципирани да го задоволат вкусот на сите посетители, од сите возрасти. Граѓаните на Струмица и сите љубители на културата и уметноста ќе можат да проследат бројни активности од различни жанрови и со различна естетика, проекти преку кои се негува и традиционалното, но и современото творештво, а предвидено е учество на релевантни домашни и странски уметници. Општина Струмица ќе стави во функција бројни инфраструктурни и човечки капацитети со што ќе овозможи богата културна содржина во текот на целата година, велат од Министерството за култура.

Како особено важен сегмент во изборот на општина Струмица беше посочен и фактот што од вкупниот предвиден буџетот за реализација на програмата во висина од 15 милиони и 150 илјади денари, од Министерството за култура е побарано само 2 милиони и деветстотини и седумдесет илјади денари што претставува 19.6 проценти од вкупно предвидениот буџет. Со тоа, од страна на општина Струмица ќе бидат покриени останатите финаниски средства во висина од 80.4 проценти, со што во споредба со преостанатите поднесени пријави, општина Струмица ќе учествува со најголем процент со сопствени финаниски средства за реализација на програмата.

Во изработката на апликацијата биле вклучени сите установи од областа на културата во Струмица:Завод и музеј Струмица, Центарот за култура „Антон Панов“, библиотеката „Благоја Јанков Мучето“, во координација со општината.

Манифестацијата „Град на културата“ иницирана од Министерството за култура, прифатена и поддржана од општините во државата започна да се реализира во 2004 година и од тогаш континуирано, општините учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на бројни јавни настани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.