Овој петок во Струга започнува првото издание на интернационалниот фестивал на современа музика и дигитални уметности – Енхалон. Организаторите најавуваат незаборавна фестивалска авантура со 32 часовна, континуирана музичка програма, поделена на четири локации во градот. Хедлајнери на фестивалот се германските техно икони Ancient Methods, Daniela La Luz и полскиот продуцент Glos.

Фестивалот го отвара Ancient Methods во струшкиот ,,Хангар” кој е дел од Центарот за култура во Струга. Потоа во раните утрински часови фестивалот се сели на 12 часовна афтер журка на плажата во автокампот Ливадиште, каде ќе настапат 12 интернационални и домашни артисти, целиот настан ќе биде пренесуван во живо на британското радио Threads. Од 20 часот фестивалот продолжува со втората фестивалска вечер, на отворената летна сцена од Центарот за култура во Струга каде како хедлајнер е најавена берлинската диџејка Daniela La Luz. За оние кои сè уште имаат енергија журката не завршува тука. 2 часа после полноќ програмата продолжува на крстарење со брод по Охридското Езеро со што и завршува овогодинешното издание на Енхалон. На бродот како хедлајнер е најавен полскиот диџеј и продуцент Glos кој ќе има неколкучасовен лајв сет.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.