Вечерва во 20 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно ќе биде изведена претстава „Лагата“, по текст на современиот француски писател, драматург, театарски режисер, сценарист и филмски режисер Флоријан Зелер, а во режија на Бесфорт Идризи.

Во комедијата, која во земјава се поставува првпат, играат Јордан Симонов како Павле, Габриела Петрушевска во улогата на Родна, Оливер Митковски како Михаил и Драгана Левенска во улогата на Јована.

Сценографијата е на Крсте Џидров-Џиби, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а авторската музика е на Игор Василев-Новоградска.

„Лагата“ е текст што говори за тоа колку можеме да бидеме искрени, особено во интимните односи, односно кога, колку и дали воопшто е дозволено да се лаже.

Идризи (37) е актер, режисер, истражувач, преведувач, предавач и продуцент. Дипломира на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје (2007), а по неколку години на истиот факултет и магистрира по Театарска режија (2014). Се стекнал и со звањето магистер на науки по Стратегија за медиуми (2015) на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Своите докторски студии ги следи на Универзитетот во Нови Сад на насоката Сценски дизајн.

Од 2008 година е член на ансамблот на НУ Албански театар – Скопје, а воедно е и предавач (доцент) на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Повеќе од десет години бил ангажиран на различни позиции и го раководел Детскиот театарски центар – Скопје. Тој е основач и прв директор на НУ Албански театар за деца и млади – Скопје. Како актер учествувал во театарски претстави и филмови од локални и меѓународни продукции и режирал претстави во повеќе театри во Македонија, Косово и Албанија. Со своите претстави учествувал на многу национални и меѓународни фестивали. Учествувал на значајни меѓународни обуки и конференции, а неговите истражувања се објавени во престижни театарски списанија.

Која беше провокацијата да го поставите овој текст на Флоријан Зелер, еден од највозбудливите драмски писатеи на нашето време на сцената на МНТ?

ИДРИЗИ: Овој текст го читав пред неколку години. Освен тоа што е многу добро и паметно напишан, клучно во изборот беше темата со која се бави и лагата како феномен. Не само лагата во ситуации кои се опишани и опфатени преку текстот, туку воопшто како феномен, како нешто со коешто секојдневно се соочуваме, па дури сме стигнати дотаму да не ги забележуваме лагите околу нас. Без разлика дали се дел од нашиот приватен живот, од секојдневието, работата. Некако станавме имуни на лагите и не ги забележуваме.

По професија, меѓу другото сте и актер. Колку тоа ви помогна во работата со актерите додека ја работевте претставата?

ИДРИЗИ: Првично премиерата беше замислена за во јуни, но ја преместивме за во септември, за почетокот на новата театарска сезона. Но, во МНТ имаше поплава и незгоди и премиерата повторно се пролонгираше. Имавме и промена, бидејќи почнавме да ја работиме на малата сцена, а потоа се префрли на големата. Поради тоа требаше да направиме и одредени адаптации. Еве, денеска конечно е премиерата.
Во однос на тоа дека по професија сум и актер, мислам дека ми помага тоа во работата, иако јас тоа не го забележувам. Повеќе актерите ми го кажуваат тоа. За разлика од некои други режисери, имам поголемо разбирање за нив, поинаку се однесувам, знам да погодам точни моменти кога треба да ги прекинам, да кажам…Веројатно тоа сум го здобил како актер, тоа чувство, кои други режисери го немаат. Од актерите повеќе добивам такви коментари отколку што самиот сум свесен за тоа.

Дали текстот се занимава само за лагата во бракот или контекстот е поширок?

ИДРИЗИ: Секако дека има поширок контекст. На прв поглед, текстот и претставата говорат за лагите во бракот и односите меѓу брачните партнери. Но, претставата не говори само за тоа. Говори и за некои други лаги и сигурен сум дека тоа ќе биде воочливо за гледачите.

Одамна е загубен моралниот компас. Дали живееме во најлошото време досега за човештвото?

ИДРИЗИ: Не знам дали живееме во најлошо време, бидејќи во друго време не сум живеел. Луѓето секогаш велат: Нема полошо од ова време! Секоја генерација која доаѓа смета дека живее во најлошо време, а всушност реалноста ни покажува дека секогаш има полошо време. Не би рекол дека живееме во најлошо можно време, но дека времето не е одлично, тоа е сигурно.

Биди промената што сакаш да ја видиш. Како поединецот да се избори против лажните вести, понуди, ветувања. Како да живее во општеството?

ИДРИЗИ: Мислам дека тоа е сведено до степен на лична хигиена на секој поединец. Дефинитивно сме опкружени со многу лаги, вести, социјални медиуми. Дури понекогаш градиме лажно претставување за нас кое многу повеќе ни се допаѓа од вистината. Па се ‘вадиме’ дека тоа е некоја бела лага. Во принцип, опкружени сме со лаги и најчесто не само што дозволуваме, некогаш сме и самите иницијатори на тие лага. Затоа сметам дека тоа е работа на лични хигиена на секој поединец. Буквално, како што не учеа дека треба да миеме раце за време на пандемијата, така сега во време на епидемија на лажни вести и епидемија на лага, треба повторно да се учиме дека треба да миеме раце од лаги и самите да ја одржуваме хигиената.

Има ли рецепт на добар живот, без лажни претставувања, лажни политики и проекти?

ИДРИЗИ: И да има, јас не го знам тој рецепт. Не ми го кажале. Но, секако дека треба да има пориви, да постои желба за нешто такво, да има поединци, кога веќе нема масовност. Секој од себе треба да почне и да го најде својот рецепт за нешто такво.

Дали овој текст ја опишува непријатната вистина за бракот?

ИДРИЗИ: Не мора да значи, затоа што зависи за кој брак зборуваме. Има среќни бракови и помалку среќни. Има и лажни бракови. Сигурно ќе има луѓе и брачни партнери коишто ќе се поистоветат со ликовите. Сигурно ќе има луѓе кои ќе бидат ‘подбуцнати’ од претставата и текстот и вечерта ќе заминат дома со низа прашања. Сигурен сум дека ќе има двојки на кои претставата ќе им биде само забава.

Колку денес интимната врска може да ја издржи искреноста?

ИДРИЗИ: Па може, би требало да може. Секако дека има примери каде што тоа е евидентно. Прашањата ги доживувам како лични, па така и одговарам. Почнувам од себе и немам проблем со тоа. Но, тоа не значи дека е правило или дека е отстапка од некое правило. Секоја двојка и секој човек си гради однос со партнерот и во зависност од начинот како се изградени тие односи, такви ќе бидат релациите. Но, тоа не значи дека не можат да се изградат искрени односи. Јас уште верувам во таква утопија, место во кое луѓето имаат изградено искрени односи, кон себе и кон другите.

А што е со белите лаги? Потребни се?

ИДРИЗИ: Тоа е морална дилема за којашто не го знам точниот одговор. Поминавме многу анализи, читавме многу литература во текот на процесот на создавање на претставата, наоѓавме секакви објаснувања. Некои велеа дека белата лага е дозволива, особено во случаи кога не сакаме да повредиме некого. Од друга страна, тоа не е морално и без разлика дали ние сакаме или не сакаме да повредиме некого, тоа, сепак, е лага. Има и други морални дали, не само за белата лага, туку воопшто – кога смееме да лажеме, затоа што очигледно во животот се наоѓаме во ситуации преку одредена наша лага може да спасиме нечиј живот. И дали во таков случај сме морално приморани да лажеме или да ја кажеме вистината. Тоа се морални дилеми со кои продолжувам да се занимавам и за кои немам èе уште конечен одговор. Претставата нема да им понуди одговори на гледачите, но ќе ги натера да си поставуваат прашања и сами да дојдат до одговорите. Јас сè уште ги немам.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.