Вечерва, со почеток од 19:30 часот во МКЦ (Галерија 2) ќе се отвори „Стадо“ – изложба на Давид Ристевски – Dreadpen и Ања Калин.

Општествените проблеми што нè опкружуваат локално се само мал исечок од големата глобална слика на светот што се менува со молскавична брзина, најчесто на полошо. Сите тие појави што на кој било начин ни будат непријатни чувства и ни го отежнуваат секојдневното живeење, без прашање влегувајќи во нашиот личен простор и слободата на изразување и живеење, најчесто лесно и бесрамно се игнорираат и само фиктивно се решаваат. Секој проблем има своја етикета, речиси никогаш не е обратно. А од друга страна, етикетите и нивното лепење најчесто не се никаков проблем.

Во фокусот на оваа изложба се токму секојдневните проблеми и негативните општествени појави, како и барањето начин да се поттикне нивното решавање. Фотографиите зборуваат за неправдата, бездомништвото, климатските промени, лошото образование, половата (не)еднаквост, дискриминацијата, булингот…

Во рамките на изложбата ќе бидат претставени фотографии од нашето поднебје, кои ќе ги опфатат горенаведените проблеми и негативни општествени појави, но и ќе ги претстават на еден поширок, глобален план. На истите фотографии ќе бидат застапени и илустрирани елементи, кои ќе го потенцираат односниот проблем и ќе го надополнат неговото значење.

Покрај комбинацијата на фотографии и илустрации, во склоп на изложбата ќе биде направена статуа на овца со големина 2×1 м2, што ќе биде своевидна синтеза на целата изложба. На нејзината површина креативно ќе бидат претставени (испишани и исцртани) сите теми претставени на фотографиите, во графити/стрит-арт стил.

Проблемот е во сите нас, сите сме причинители и сите сме вклучени во неговото решавање. Не треба да се чекаме, мораме да почнеме да го решаваме ВЕДНАШ.

Ања Трпоска Атанасов (Ања Калин) е родена на 13.10.1990год. во Скопје. Дипломирала како преведувач и толкувач по италијански јазик. Со фотографија се занимава повеќе од 12 год. најпрво како хоби што прераснува во професија.

Работи на различни проекти, а во моментов најмногу продукт и lifestyle фотографија. Сака да експериментира помеѓу различните типови на фотографија. Мотивираноста ја наоѓа во опкружувањето, во природната структура на човечкото тело, светлината, растенијата и формата на предметите.

Давид Ристевски, повеќето го знаат како Dreadpen, роден 28.2.1991.

По професија е дипломиран графички и веб-дизајнер, но со илустрациите го исполнува своето слободно време.

Дел е од организацијатa и главен дизајнер на AllWeb (allweb.mk), првата интернет маркетинг-конференција во Македонија, која се случува 8 години по ред во Скопје, и 3 години во Тирана, Албанија, велат организаторите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.