Утревечер, на 22 октомври во 20 часот е закажана премиерата на младинската претстава „Едвард раце ножици“ во Театарот за деца и младинци во режија на Нела Витошевиќ, а по сценарио на Тим Бартон и Каролајн Томпсо.

Нашата претстава зборува за тоа дека треба да ги прифаќаме различните од нас и да ги надминеме предрасудите кон другиот. Претставата има за цел да ги постави прашањата за тоа колку е нашето општество зрело и колку сме ние зрели за соживот со некој што изгледа поинаку, зборува поинаку, се облекува поинаку од нас. Дали се овие ставови сменети во ова ново време или се уште тапкаме во место. Колку е нашата заедница спремна да го наруши сопствениот конформизам, за доброто на другиот? Колку сме себични и колку е општото добро приоритет, а колку личниот интерес?! Спремни ли сме да му ја запечатиме судбината некому поради тоа што е различен од нас? Дали идејата за промена се уште не плаши?! Жанровски, ова е современа бајка која се занимава со третманот на различностите, вели режисерката Витошевиќ, која првпат соработува со ТДМ.

Претставата е работена според познатиот истоимен филм од 1990 година на Тим Бартон, за кој Витошевиќ рече дека врз неа влијаел многу инспиративно и како личност, и како режисер, па затоа и го избрала за режија.

Според Витошевиќ, таа сакала да направи претстава за сите возрасти, но сепак да има едукативна порака и целна група да бидат млади над 14 години.

Во филмот на Бартон, дејствието е сместено во 50-тите години на минатиот век во САД, каде што се појавува Едвард, кој во филмот го игра холивудскиот актер Џони Деп со раце – огромни ножици, што на почетокот им изгледа егзотично на луѓето во конзервативната и конформистичка средина.

Бојан Кирковски го толкува главниот лик во претставата.

Буквално ќе биде како да гледаат филм од час и 15 минути. Црпиме од филмот и карактерот што го играм е според филмскиот лик – го задржавме неговиот изглед: лузните, периката, костумот… иако, сепак, јас не сум холивудскиот колега, се пошегува Кирковски.

Како и во филмот задржано е и шаренилото од бои зашто, како што рече режисерката, тоа е составен дел од приказната и ја пренесува атмосферата.

Сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимограф е Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски. Играат 13 актери од различни возрасти, меѓу нив и неколку млади и нововработени во ТДМ.

„Едвард раце ножици“ ќе се игра во средите од 20 часот – терминот за младински претстави во овој театар.

Директорката на ТДМ Катарина Илиевска-Силјановска очекува претставата да има многубројна, пред сѐ, млада публика и дека ќе ја исполни целта – да едуцира и да ја разбуди емпатијата кон различните. Соопшти и дека до крајот на годинава подготвуваат уште две премиери –претстава за тинејџери и куклена за деца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.