СОС Охрид со писмено соопштение се обрати до граѓаните на Охрид со цел да се спаси градот од препораката за преместување на охридскиот регион на Листата на Светско налседство во опасност.

Во продолжение ви го пренесуваме целиот текст на Иницијативата СОС Охрид.

Драги сограѓани, со жалење ве известуваме дека предлог-одлуката која ќе се најде на четириесет и третата седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што ќе се одржи 30 јуни – 10 јули 2019 г. во Баку (Азербејџан), содржи препорака за преместување на охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност! Тоа е само еден чекор од бришење од листата на УНЕСКО, што ќе значи загуба на статусот уникатно светско природно и културно наследство!

Дали на нашата актуелна влада сега ѝ е јасно дека сите наши предупредувања се темелеа на несоборливи факти и дека не беа само страшни приказни и празни закани? Дали на нашата актуелна влада сега ѝ е јасно дека сдсм и дуи ќе бидат партиите кои го изгубија УНЕСКО статусот токму на четириесетгодишнината од прогласувањето? Наместо да славиме јубилеј и да се гордееме што сме успеале да го зачуваме ова непроценливо богатство кое ни го донесе светот во нашата мала земја и кое нè постави на мапата на најуникатни предели во светот, ние со тежина во градите ќе ја очекуваме конечната одлука што Комитетот за светско наследство ќе ја донесе летово во Баку.

Од самиот извештај објавен на страницата на УНЕСКО е очигледно дека по доаѓањето на власт сдсм прекинува дел од проектите на вмро дпмне, што било во насока на исполнување на условите дадени од Реактивната мисија која го посети регионот во април 2017 г., но уште поочигледно е дека УНЕСКО ја обвинува актуелната влада на сдсм и дуи за неисполнување на останатите задолжителни барања од Реактивната мисија што се случило откако сдсм си се раскомотува на власт, бидејќи дуи се веќе одамна раскомотени. УНЕСКО во својот извештај констатира дека двоецот сдсм и дуи нема никаква намера да ја прекине криминалната урбанизација, легализира дивоградби, допушта палење на огромни појаси трска во струшко, дозволува несоодветна и нелегална реконструкција на објекти кои се дел од културното наследство. Се прави дека не гледа и не слуша додека ламтежливо граба од нашите тешко заработени пари и си ги полни веќе преполните партиски џебови без дно. Констатациите во извештајот на УНЕСКО претставуваат меѓународен скандал и светски блам!

Охрид ЅОЅ со години се бореше против лудите проекти на вмро дпмне, но не за да дојде сдсм и да го продолжи криминалното лудување во коалиција со дуи онаму каде што вмро дпмне застана! Сме испратиле неброени извештаи, барања и до локалната и до централната власт, претставки до соодветните инспекторати и останати институции, но сдсм реализираше многу малку од она што ние го баравме во интерес на зачувување на целовитоста и исклучителната универзална вредност на регионот. Ним поважен им беше партискиот пазар, мирот во куќа (читај: коалиција), па продолжија со вдомување на неквалификувани партиски кадри во институциите – и свои и на дуи; партиски кадри кои немаат трошка интегритет и кои не знаат што работат, партиски кадри кои не знаат ни да ја именуваат позицијата на која се наместени да земаат народни пари, но се беспоговорни исполнувачи на каква било партиска директива. Традиционално, најоштетени министерства претрупани со неквалификуван партиски кадар се Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура, бидејќи тие не се „важни“ во меѓупартиските пазарења како што е Министерството за економија. Но оваа трагична ситуација во која се наоѓаме сега е јасен доказ за спротивното. Поразителните политики во овие сектори и тоа како влијаат директно врз економијата, бидејќи криминалната урбанизација не значи само евтин масовен туризам, поголемо загадување и нарушено здравје на граѓаните – значи и несогледливи последици во сите сфери кои допрва ќе ги осознаваме! Регионот има толку посети на годишно ниво токму поради неговиот УНЕСКО статус. Да беше криминалната урбанизација причината за бројот на туристи, празните неплански бетонски градби ќе ги „красеа“ промотивните материјали на туристичките саеми низ светот, а не извонредната природа и бесценетите историски објекти на овој посебен регион.

Сдсм предизборно имаа полни усти за живот, слобода, правда и демократија, беа главни заштитници на животната средина, ветуваа мала, ефикасна и професионална администрација. Три години подоцна само продолжија со мижење, одобрување и учество во истиот криминал за кој претходно го обвинуваа вмро дпмне. Дуи, пак, се секогаш за европски вредности – ама во балкански манир.

Бараме владата на сдсм и дуи итно да започне со исполнување на сите препораки на Центарот за светско наследство и да спречи регионот поради нејзината неспособност да биде избришан од листата на УНЕСКО!
Бараме итен престанок на секакво партиско пазарење и злоупотреба на УНЕСКО регионот како паричка за поткусурување, како услуга за раздолжување после избори!
Бараме итно да престане урбаната мафија да ги пишува законите!
Бараме сдсм и дуи на дело да почнат да го спроведуваат она што пред секои избори не го вадат од уста – професионални институции кои не се потчинуваат на партиски диктат и кои работат исклучиво во интерес на жителите и напредокот на оваа земја!
Бараме конечно во земјава да се врати правната држава на дело, а не на хартија и по партиски памфлети и митинзи!

Повторуваме по кознае којпат – според меѓународниот договор што нашата земја го има потпишано, нашата влада е единствено одговорна за заштита и зачувување на вредностите на регионот! УНЕСКО само признава дека имаме нешто вонсериско и извонредно што не постои на друго место во светот, но грижата за тоа богатство да остане такво е исклучива одговорност на македонските институции!

Драги сограѓани, од сите вери и етникуми, УНЕСКО статусот е на сите нас! Оваа земја е на сите нас! Од секој од нас зависи дали ќе продолжиме да пловиме заедно или ќе потонеме заедно. Апелираме до секој од вас, пресудно е да се чуе нашиот глас сега! Пресудно е сега да ја спречиме коалицијата на власт да нè посрами пред светот! Препратете го ова соопштение до премиерот Заев, до министрите и замениците министри за култура и животна средина и просторно планирање, до градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца – изразете го својот револт против беззаконието, против криминални постапки кои на сите нас ни штетат!

Е-адреси:

info@vlada.gov.mk
drzaven.sekretar@kultura.gov.mk
faton.fazliu@kultura.gov.mk
s.duraki@moepp.gov.mk
sadulla.duraki@gmail.com
j.makraduli@moepp.gov.mk
info@kultura.gov.mk
info@struga.gov.mk
kryetari@struga.gov.mk
z.gulicoski@struga.gov.mk
gradonacalnik@ohrid.gov.mk
kabinetnagradonacalnikot@ohrid.gov.mk
belcista@t-home.mk
delegation-north-macedonia@eeas.europa.eu

Препратете го соопштението и до вашите заедници, пријатели во земјава и во светот – сите нека ја дознаат вистината зошто сме на работ да го изгубиме статусот УНЕСКО!

Светот нека дознае зошто сме во опасност да паднеме на тестот! Затоа што УНЕСКО е токму тоа – тест за професионалност, за работа во корист на сопствената земја и во корист на сите нејзини жители. УНЕСКО е институција – епитом на фундаменталните вредности кои ги движат напред науката, образованието и културата во светот. Ако ние како земја ги немаме овие вредности, што имаме?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.