“Сонот на облачето” – шестиот интернационален детски фестивал на театар на сенки ќе се одржи во периодот 17-19 декември 2018 година во просториите на Младинскиот културен центар (сцена Фросина), а во организација на Театар “Сенки и облаци”.

Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, фестивалот “Сонот на облачето” успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика.

На првата фестивалска вечер, на 17-ти декември, со почеток од 19:30 часот,ќе се претстави Anna Fabulli од Германија, која што ќе го отвори овогодинешниот фестивал со претставата „Кралот Жаба и други љубовни приказни.“

Во продолжение на фестивалското издание, на 18-ти декември, со почеток од 19:30 часот, ќе се одржи премиера на претставата „Алиса и чудата“ во изведба на Teатарот „Сенки и облаци“ од Македонија.

Последната фестивалска вечер ќе ја одбележат три настани. Со почеток од 18 часот, најпрво ќе биде прикажан 5-минутниот анимиран филм „НОДВА“, кој е инспириран од бегалските приказни. Веднаш по него, студиото „Абстракт“ од Македонија ќе ја изведе танцовата претстава „Снежана и седумте џуџиња“. Овогодинешното издание на фестивалот „Сонот на облачето“ ќе биде затворен со изведбата на претставата „Птици“ на германката Marie Donath.

Во текот на фестивалот ќе бидат одржани две работилници за изработка на кукли за театар на сенки, додека во фоајето на Сцена Фросина ќе биде поставена изложба на рачно изработени лампи.

Организатор на фестивалот е Театар „Сенки и облаци“ од Скопје, кој со поддршка од Министерството за култура на Република Македониј, Градот Скопје и Младинскиот културен центар ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.

Билетите се во продажба на билетарницата на Младинскиот културен центар по цена од 150 денари, како и онлајн на https://bileti.mkc.mk/.

Уживајте во магијата на сенките! Програмата вклучува претстави од Германија, Обединетото Кралство и Македонија, две работилници за театар на сенки, изложба на рачно изработени лампи и по некое изненадување.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.